За секоја нова сезона потребно е да се подготви пластеникот или стакленикот за да има здрави растенија и добри приноси. Сеидбата на семето и садењето на расад треба да се врши на уреден заштитен простор и наредени гредички каде што почвата е доволно топла, има доволно растителни хранливи материи, влага и има поволна микрофлора. Тоа значи дека има повеќе пожелни микроорганизми, а нема предизвикувачи на заболувања.
Чистење и дезинфекција
Првата активност што се изведува во пластеникот е чистење и дезинфекција. Со овие работи треба да се стартува по отстранувањето на претходната култура. Остатоците од растенијата и врвките се отстрануваат, бидејќи на нив презимуваат причинители на многу болести. Арматурата добро се мие, како и фолијата. Ако е валкана, се мие и однадвор за да се обезбеди продирање на сончевата светлина во внатрешноста на пластеникот. Доколку е потребно, заменете ја фолијата и поправете ја арматурата.
После тоа се врши дезинфекција. Обичниот еколошки детергент што се користи за миење на арматурата има функција за дезинфекција.

При дезинфекција на почвата, предност треба да се даде на биолошки препарати кои нема да остават штетни материи во неа, ќе ја зголемат содржината на корисни микроорганизми, ќе го намалат присуството на штетни и ќе ја подобрат нејзината структура. Многу често се користат препарати на база на растенија или габата Триходерма.
Подготовка на земјиштето
За да се обезбеди добар раст, развој и плодност, неопходно е да се додадат хранливи материи. Секој растителен вид изнесува хранливи материи кои треба да се надополнат. Основното ѓубрење се врши напролет при подготовка на почвата за сеидба или садење. Потребно е редовно внесување на органски материи во почвата, бидејќи градинарските култури добро растат на оние богати со хумус. Можете да ја зголемите нивната количина со додавање на хумус, компост, вермикомпост.

Покрај додавањето ѓубрива, можеме да делуваме и на структурата на почвата, пропустливоста, содржината на вода. За култивираните култури е фатално ако има набивање, намалување на содржината на органски материи. Кога ја вршиме обработката, освен ѓубрива, можеме да додадеме песок, струготини, варовник, зеолит и друго. Најдобро би било пред секој третман да се направи анализа на почвата, тогаш точно ќе знаеме во каква состојба е и како ќе постапиме, што треба да додадеме.
Кога редовно додаваме органски ѓубрива, ќе го подобриме квалитетот на почвата и ќе ја намалиме штетната флора и фауна.
Доколку земјата е во многу лоша состојба, полна со штетни организми, треба да се замени.
