Снежната покривка е добредојдена за есенските посеви во Кумановско, велат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство.
По топењето ќе се обезбеди дополнителна влага во почвата за житните култури.
– Снегот е добредојден за житните култури, ги штити посевите од ниските температури и со неговото топење ќе се обезбеди дополнителна влага во земјиштето, изјави за МИА раководителот на подрачната единица на МЗШВ, Насер Даути.
На подрачјето на поширокиот регион на кумановско лани беа насеани 11.370 хектари со пченица, 7.409 со јачмен или вкупно 18.779 хектари.
– Препорака до земјоделците е да ги следат временските промени и да преземат соодветни мерки да ги заштитат земјоделските култури. Важно е да се следат советите на стручните лица за земјоделски култури и да присуствуваат на презентации, организирани од стручните лица за да се едуцираат за проблемите во земјоделството, вели Даути.
Што се однесува до овошните и лозовите насади, сегашните не толку ниски температури не можат да им наштетат. Измрзнување може да има ако температурите се спуштат. На подрачјето на кумановско, според податоците на подрачната единица има 255 хектари со овошни и лозови насади.
