Оваа сезона ќе биде голем тест за полските одгледувачи и извозниците на овошје, сметаат аналитичарите на EastFruit. Главна причина за слабиот извоз во тековната сезона нема да биде прекумерното производство на јаболка во Полска, туку лошите односи со Белорусија, која минатата сезона беше лидер во откупот на овој вид овошје од таа земја. За овие односи се „виновни“ мигрантите, кои илегално ги преминувале границите, а Полска испратила десетици илјади војници на тие места и најавила подигнување огради.
Во 2020 година, Белорусија беше лидер меѓу увозниците на полските јаболка, увезувајќи повеќе од 121 илјади тони во вредност од 204 милиони полски злоти (ЗЛН), што е околу 52,2 милиони евра. Втора на таа листа е Германија, која купила 76 илјади тони јаболка, а трет е Египет, кој купил илјада тони помалку. Но, според аналитичарите, двете земји нема да можат да ја надоместат загубата на белорускиот пазар оваа сезона, како што никој досега не успеал со рускиот пазар.
Според веб-страницата fresh-market, во тековната сезона проблем ќе биде и зголемувањето на трошоците за логистика. Но, тоа најмногу ќе ги погоди оние кои извезуваат на долги релации, додека корист ќе имаат оние кои тргуваат со соседните земји. Во овој контекст, Кина и земјите од јужната хемисфера најмногу губат поради зголемените трошоци.
Од друга страна, ниската цена е фактор што може позитивно да влијае на полскиот извоз. Денес, побарувачката за ова овошје е многу мала. Така, сортите ајдарет се на продажба од 0,25 PLN/kg (0,054 евра/кг). Сорти како што се лигол или шампион се продаваат по 0,70 PLN/kg (0,15 евра/кг). Само гала и златен делишес чинат повеќе од 1 PLN/kg (0,22 евра/кг).
Белорусија е единствената земја во Европа која набрала помалку јаболка
Во исто време, Белорусија е единствената земја во Источна Европа каде што оваа сезона се собрани помалку јаболка. Според EastFruit, главната причина се неповолните временски услови. Студената и влажна пролет, топлите и суви лета и дождовите кои паднаа токму на време за жетвата, резултираа со значителни загуби во приносот и квалитетот.
Падот на производството во таа земја резултираше со релативно високи цени на домашниот пазар, додека приносите во другите земји се зголемија. Големопродажните компании се подготвени да ги купат популарните сорти златен делишес по цена од 0,74 долари (0,64 евра) за килограм, а нивните цени минатата недела се искачија на дури 0,85 долари (0,73 евра) за килограм.
Ова е дури и над цените во Русија, каде што обично се највисоки во регионот. За споредба, компаниите за продажба на големо плаќаат речиси три пати поевтино за истите јаболка во Украина, која ги извезува не само во Белорусија, туку и во земјите од Блискиот Исток и Југоисточна Азија. Освен од Полска, оваа земја увезува и од Украина и Молдавија.
Експертите сметаат дека земјата мора да го модернизира производството за да ги достигне конкурентите и да престане да произведува неперспективни сорти кои се непознати за остатокот од светот, како што е Коваленковское.
