Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Бранислав Недимовиќ изјави дека во последниве години сѐ повеќе земјоделци се одлучуваат за органско производство и посочи дека околу 24.000 хектари земја во Србија се под органско земјоделско производство, пренесува Политика.рс.
Недимовиќ рече дека најголем профит може да се оствари на малите парцели ако се почне во систем на органско овошје и додаде дека денес тоа е исплатливо бидејќи органската храна се бара не само на запад, туку насекаде.
„Сѐ над 200 метри надморска височина во Србија, особено Западна Србија, но и Источна Србија, многу лесно може да се претвори во органско земјоделско производство, за да се оствари многу поголем профит, бидејќи таму никогаш немало хемија“, рече Недимовиќ.
Тој објасни дека органската храна е онаа што се добива без употреба на хемиски средства, туку исклучиво со природни средства за заштита на растенијата.
„Тоа почна да се развива кај нас. Денес, имаме околу 24.000 хектари под органско земјоделско производство“, посочи Недимовиќ.
Тој наведе дека Словенците неодамна продале популарна апликација на Кинезите и за тие пари купиле повеќе од 4.000 хектари земја во Банат.
„Тие сакаат да воспостават органско земјоделско производство на 3.800 хектари. Тоа ќе биде најголемата платформа за органско земјоделско производство во цела Европа.“, рече Недимовиќ.
Тој вели дека во последно време сретнал многу ИТ експерти кои инвестирале во земјоделството.
Извор: politika.rs
