Цената на оризот е променлива категорија, што од година во година зависи од многу фактори согласно условите што ги диктира пазарот и е договор меѓу производителите и откупувачите, истакна денеска владиниот портпарол Душко Арсовски во однос на барањата на производителите на ориз за фиксна откупна цена на оризот и зголемување на субвенциите.
– Тоа што е факт е дека просечната цена на пазарите на големо од реколтата 2020 изнесува 56,82 денари за килограм. Оваа цена е повисока споредена со изминатите четири години. Исто така, и цената на оризот на пазарите на мало е повисока. Во 2020 достигнува до 73,10 денари за килограм, што е раст од осум проценти споредено со 2018 и 2019 година, истакна Арсовски.
Тој посочи дека на барање на оризопроизводителите, Владата дополнително донела одлука за зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.
– Со направената измена се зголеми поддршката за земјоделците кои немаат сертифициран семенски материјал на 25 илјади денари за површина до пет хектари, а оние земјоделци кои имаат површини од пет до 50 хектари ќе добијат финансиска поддршка од 30 илјади денари по хектар – објасни Арсовски.
Тој додаде дека со оваа одлука Владата им излегува во пресрет на оризопроизводителите во напорите да се амортизираат последиците од коронакризата.
Извор: МИА
