Договорното производство, како најдобар начин на решавање на пласманот на земјоделските култури, главниот проблем на земјоделците, е проект кој Агротим го форсира од самиот почеток поради позитивниот ефект кај сите чинители во процесот. Земјоделците имаат решен пласман, откупувачите сигурна суровина, а државата можност правилно да ги насочи субвенциите и тие да имаат развојна компонента.
Покрај договорното производство на сончоглед и пченка, годинава започнавме со промоција и работа на терен за поголемо ангажирање земјоделските производители да се вклучат во производство на органска пиперка – ајварка, заедно со преработувачите. Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.

Во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство Ангела Ѓеровска и земјоделски производители од неколку региони.
Производството веќе започна, ќе се сади на површина од околу 10 хектари, од кои најмногу во Прилепско, 6 хектари, а останатите во Битолскиот и Светиниколскиот регион.
-Семето го набави еден производител за сите, а расадот секој сам го подготвува. Стартно добро оди организацијата и првично се исполнуваат условите за органско производство. Подигнувањето на расад на сите земјоделски производители им е познато, но поради забраната за употреба на хербициди, плевењето мора да се врши рачно – изјави Ѓеровска.

Во проектот се вклучени земјоделци од неколку региони во државата, а еден од нив е Живко Стојчев од село Аџиматово, сериозен производител, искусен земјоделец кој се одлучил да се вклучи во овој проект најмногу заради решениот пласман и добрата цена која ја понудил откупувачот.

Во продолжение слушнете од „прва рака“ за овој проект. За мотивацијата на Стојчев да биде дел од договорното производство, зошто се одлучил за органско производство, враќањето на довербата со откупувачите, условите во договорот, цената на пиперката и двојно повисоките субвенции.
Целокупниот процес на производство од расад до берба, цена и предавање на родот во преработувачки капацитет, ќе биде следен од страна на Агротим, преку репортажи, изјави на земјоделците, откупувачот, советите за органско производство и сите потребни агротехнички мерки.
Целта е да се доближи ова производство до земјоделците, да се охрабрат и да се вклучат во овој процес на Договорно производство како најдобро решение за нив, но и за откупувачите.
Органските земјоделски производи како и нивни преработки последниве години се доста барани на европските и светските пазари.
Нашите земјоделци имаат поволни почвено – климатски услови за органско производство, а како поволност се и високите субвенции за ова производство.

