Кристина Јонасен фармата ја наследила од својот татко, а моментално има 200 крави од расата црвено говедо. Нејзин сон е да произведува сирење и месни преработки и да ги продава од сопствениот куќен праг.
-Каде купивте розев трактор, зошто имате толку крави, се занимавате ли и со нешто друго, зошто станавте земјоделка – се само некои од многуте прашања, кои младата, иновативна, норвешка земјоделка Кристина Јоансен ги добива секојдневно.

Таа својата приказна ја започнала пред три години откако ја наследила фармата од својот татко, а моментално има 200 крави. Бидејќи завршила Земјоделски факултет, насока сточарство, таа работа не и паднала тешко, а како што и самата вели, задоволна е бидејќи работи нешто што навистина го сака.
Млекото и месото го откупуваат големи производители
Кравите се на пасиштата секогаш кога тоа го дозволува времето, а ако е студено, тогаш се во големата штала, каде, како што вели оваа вредна жена, го имаат секој можен третман и не им фали ништо.
– „Многу ги сакам своите животни и никогаш не ми е тешко да направам нешто за нив. Денот го започнувам многу рано, веќе во 6.30 кога ги носам децата во градинка и после се фрлам на работа. Околу 7.30 го започнувам молзењето кое најчесто трае околу два часа. После тоа следи чистење и хранење на животните што го повторувам и попладне“, раскажува таа.

Млеко го откупува фирмата TINE SA, која всушност е најголемиот прозиводител, дистрибутер и извозник на земјоделски производи во Норвешка и е во сопственост на земјоделска задруга. Месото исто така го продава на една од најголемите преработувачки индустрии во земјата, Gilde. „Го сонувам денот кога ќе произведувам сирење од мелкото на своите крави и ќе продавам месни производи директно од фармата“, нагласува таа.

Земјоделка со розев трактор
Колку што ги сака животните, Кристина толку ги сака и тракторите, а некако најмногу отскокнува оној кој неодамна го нарачала и кој е со розева боја. Моделот е CASE IH 130 Vestrum а го платила околу 90.300 евра.
– „Ми требаше еден таков трактор и мислам дека го заслужив. На него е напишано и моето име“, појаснува Кристина.
Инаку, Норвешка е планинска, ретко населена држава. Сточарството е распространето на целата нејзина површина, а 1 милион хектари (3% од вкупната површина) се наменети за земјоделски посеви. Зимата е релативно долга во поголемиот дел од земјата ( октомври – март), но летните денови се, иако ги има малку, се долги.
Одгледувањето на стока за производство на млеко и млечни производи, но и за месо е далеку најраспространета земјоделска пракса. Во бруто вредноста, приходите од производството на млеко претставуваат 27%, а приходите од производство на месо 37% од вкупните земјоделски приходи.

Норвешката раса црвено говедо службено е признатa во 1935 година, а поради одгледувањето стана главна раса на фармите во оваа земја. Статистиката покажува дека овие крави можат да произведат 16.000 литри млеко годишно. – „На сите кои сакаат да се занимаваат со земјоделство им порачувам тоа и да го направат. Некогаш знае да биде тешко и стресно, но се исплатува“, заклучува оваа млада жена.
Извор: Агроклуб
