Огромната понуда и намалената потрошувачка во услови на глобална рецесија се закануваат да предизвикаат „земјотрес“ кај земјоделските производи затоа што цените на храната веќе паѓаат, предупредуваат Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
„Макроекономските шокови предизвикани од пандемијата Ковид-19 се очекува да извршат притисок врз цените на земјоделските производи“, се наведува во денешната заедничка студија на двете организации.
Во документот се додава дека постои потенцијал за „историски силен пазарен шок“ оваа година.
„Економскиот пад како резултат на пандемијата на вирусот може да ја погоди побарувачката за земјоделски производи и да биде активатор за краткорочен пад на цените од историски размери“, посочуваат ФАО и ОЕЦД.
Растителните масла и производите од животинско потекло ќе бидат повеќе изложени на негативните ефекти од кризата отколку земјоделските култури, како оризот и пченицата, се проценува во студијата.
Според проценките на двете организации, цените на земјоделските производи постепено ќе закрепнуваат и ќе се вратат во рамки на основното сценарио на ФАО и ОЕЦД, во кое се предвидуваше нивен мал реален пад во периодот 2020-2029 година.
Цените на месото, особено на свинското, се проценува дека значително ќе паднат во следната деценија со оглед на тоа што пазарот се опоравува од африканската епидемија на свинска треска што десет пати го намали фондот за свињи во Кина и некои други азиски земји, соопштија од ФАО и ОЕЦД.
Напишете коментар