Тринаесеттото издание на „Skopje Design Week 2026“ на тема „Crafting Tomorrow“, од 21 до 27 ноември ќе обедини дизајнери од Европа и Македонија во сферата на архитектура, современо занаетчиство, одржливи практики и нови генерации креативци.
Во рамки на 13.„Skopje Design Week“ ќе биде отворена дискусијата за тоа како традиционалните знаења, занаетчиските техники и локалното наследство можат да станат основа за современи и одржливи дизајнерски решенија. Во фокусот ќе бидат и прашањата за начинот на кој создаваме и произведуваме, односот кон материјалите и ресурсите, вредноста на рачната изработка, но и можностите што ги отвораат новите технологии и меѓународната соработка.
Организаторите на „Skopje Design Week“ информираат дека еден од најзначајните сегменти на годинашното издание е европската платформа Next Gen, преку која ќе бидат претставени проекти на 50 млади дизајнери од цела Европа.
Оваа патувачка групна изложба е дел од проектот и истоимената Next Gen платформа, основана од „Public Room“ и „Skopje Design Week“, во партнерство со европските организации „Barcelona Design Week“ од Шпанија, „What Design Can Do“ од Холандија, „Design Austria“ и „Vienna Design Week“ од Австрија и „Mikser“ од Србија.

Десетмина од дизајнерите чии проекти ќе бидат претставени ќе учествуваат и на петдневна дизајнерска резиденција во просториите на „Public Room“, за време на фестивалот. Посочуваат дека програмата е замислена како можност за непосредна размена на знаења, искуства и креативни практики, но и за воспоставување нови професионални контакти и соработки меѓу младите автори од различни европски земји.
Важен дел од програмата ќе биде и базарот посветен на локалните занаетчии и независните креативци, на кој ќе учествуваат 25 изложувачи. Целта на базарот е да ја афирмира рачната изработка, автентичноста и индивидуалниот пристап во создавањето, давајќи им поголема видливост на авторите и малите креативни бизниси.

Програмата на „Skopje Design Week 2026“ ќе опфати и четири предавања на архитекти и дизајнери од Австрија, Англија, Грција и Македонија, како и две панел-дискусии посветени на предизвиците со кои се соочуваат малите креативни бизниси и фриленс уметниците и дизајнерите.
Посебно место имаат и најмладите посетители, за кои се предвидени две детски претстави. Со оваа содржина фестивалот ја проширува својата публика и ја потврдува идејата дека креативноста, љубопитноста и односот кон создавањето се вредности што се градат уште од најрана возраст.
„Crafting Tomorrow“ е концепт што ги поврзува традиционалните занаетчиски техники со современите дизајнерски практики, рачната изработка со новите технологии, локалното наследство со глобалните тенденции. Во неговото средиште се материјалот, процесот, деталот и човечкиот допир, но и одговорноста што ја носиме кон ресурсите, производството и животната средина.
Со своето 13. издание, „Skopje Design Week“ продолжува да ја развива локалната дизајнерска и креативна сцена, истовремено отворајќи ја кон европските текови и меѓународната соработка. Фестивалот и годинава ја потврдува својата улога како платформа за средба на различни генерации, професии и креативни дисциплини, но и како простор во кој дизајнот се препознава како активен чин на обликување на нашето секојдневие и иднината што ја создаваме.
Фото: Skopje Design Week

