Во однос на злоупотребите со субвенциите, директорката на АФПЗРР, Даниела Иротова Лазарева во интервју за Слободен печат вели дека проблемите се особено изразени кај пријавувањето земјоделски површини што реално не се обработуваат.
Таа открива дека контролите годинава ќе опфатат повеќе од 14 проценти од корисниците, иако законската обврска е од пет до десет проценти.
-Има злоупотреби, не велам дека нема, и не се мали- вели директорката, посочувајќи дека Агенцијата соработува со Министерството за земјоделство, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Дополнително, Агенцијата добива и дојави од самите земјоделци. Според директорката, Агенцијата располага со 44 контролори, а во последниот период пристигнале меѓу 200 и 300 пријави за лица кои бараат субвенции за капацитети што реално не ги поседуваат.
Како дополнителна алатка за спречување на злоупотребите се разгледува воведување сателитски снимки и систем за мониторинг на секоја парцела и секое грло добиток. Целта е субвенциите да ги добиваат вистинските производители, а не оние што пријавуваат површини или добиток само за да остварат право на државна поддршка.
Извор – Слободен печат

