Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,86% во однос на одлуката од 7.9.2026 година.
Согласно ова, од 15.9.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 100,50 (денари/литар); моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 102,50 (денари/литар), додека дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 99,00 (денари/литар).
Маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 109,50 (денари/литар), мазут М-1 НС 48,243 (денари/килограм).
Согласно одлуката, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3,50 ден/лит. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 4,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,242 ден/кг. и сега ќе изнесува 48,243 ден/кг.
Од Регулкаторна додаваат дека трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
-Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа во просек: кај бензините за 6,254 отсто, кај дизелот за 6,670 проценти, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 5,881 проценти и кај мазутот исто така има зголемување за 6,773 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,188 отсто – стои во соопштението.
Во Одлуката на РКЕ е применета владината Одлука за намален износ на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) во износ од 10 проценти и Одлуката за намален износ на акцизата од 2,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).
МИА
