-Се наоѓаме на плантажата на „Балески органик“ во Валандово. Тука имаме насад од шест хектари со бадем. Сортите се Ферањес и Тексас. Дрвјата се во дванаесеттата година моментално. Тука се применува начинот на режење што го стекнавме со шпанскиот консултант Хуан Пабло Белидо. Ги применивме неговите насоки со тоа што отсековме неколку гранки од дрвото со што му дадовме сила да продложи да расте и да се реновира. Главната работа кај бадемите е тоа што мора да се реновираат дрвјата на секои четири години, односно истата гранка не може да расте повеќе од осум-девет години. Потоа мора да се реновира за да го добиеме полниот потенцијал на дрвото бадем. На овие дрвја може да видиме дека е применета таа техника. Засега се отсечени две гранки, минатата и оваа година, и дрвјата имаат одличен принос по дрво и по хектар – вели за Агротим Кристијан Балески од „Балески органик“ – Валандово.

Кај нас земјоделците имаат знаење да го одгледаат дрвото до некои четири или пет рамени гранки, во зависност од методот што е направен. Потоа не знаат што треба да прават со дрвото. Дрвото доаѓа до деветта-десетта година на род и престанува да дава бидејќи гранките се веќе стари, имаат премногу болести во горните делови и веќе почнуваат да се сушат горните делови каде што треба да биде родот. Шпанецот ни даде една основна техника која тој ја применува. Веќе 120 години неговото семејство одгледува бадеми во Шпанија. Хуан ни даде совет да отсечеме една рамена гранка и со тоа даваме простор да израснат нови гранки коишто се млади и во втората година почнуваат да даваат род. Ако тоа го правиме континуирано и секоја година отсекуваме по една гранка, на дрвото му даваме баланс помеѓу дрвната маса и родот што ќе го даде – што се директно зависни едно од друго.

Ние направивме практичен пример и две години ги одгледувавме дрвјата на начинот кој ни го објаснуваше консултантот.
На финалниот настан, кога дојдоа и видоа дека сето ова функционира, дека има род и дека можеме да ја затвориме таа практика, сите беа убедени и почнаа да ја практикуваат.

Нам ни е најважно да успеат сите, не само ние како задруга или како наша компанија и наша плантажа, туку сите кои одгледуваат бадеми во Македонија да успеат.

Со проектот покрај консултантскиот дел што го имавме со консултантот од Шпанија, имавме и дел каде што купивме нова машина и развој на нови рецептури. Купивме машина за преработка на бадемите, за правење на путер, која беше со поголем капацитет од тој што го имавме и ангажиравме технолог кој ни помогна да ги развиеме рецептурите што ги имаме сега.
Веќе неколку години имаме ЕУ-сертификат за извоз во Европската Унија. Извезуваме во Австрија, Германија и Швајцарија. Ги исполнуваме барањата на тие клиенти, но ни требаат количини.
