Во 2021 година извозот на пенливи вина од земјите на Европската Унија изнесувал 636 милиони литри, што е значителен пораст од 29 отсто во споредба со 494 милиони литри извезени во 2020 година, покажуваат податоците на Eurostat. Ова зголемување доаѓа по првата година од пандемијата, која значително го ослабна растот на трговијата со вино бидејќи многу барови и ресторани беа целосно или делумно затворени, што доведе до намалување од шест проценти во 2020 година во споредба со 2019 година.

Тоа беше прв пат по десет години да падне продажбата на овој производ.
Споредувајќи го извозот од 2021 година со тој од 2019 година, кога се забележани 528 милиони литри, тоа е зголемување од 21 отсто (+ 108 милиони литри). Помеѓу 2017 и 2021 година, извозот се зголемувал со просечна годишна стапка од седум проценти.
Трите најважни групи во извозот на пенливи вина биле италијанското просеко (43 проценти, 273 милиони литри), францускиот шампањ (15 проценти, 94 милиони литри) и шпанската кава (10 проценти, 65 милиони литри).
Двете најголеми извозни дестинации се САД (31 отсто од вкупниот извоз на пенливо вино надвор од ЕУ, 198 милиони литри) и Велика Британија (28 отсто, 177 милиони литри).
Во меѓувреме, земјите членки на ЕУ увезле 5,8 милиони литри пенливо вино, што одговара на само еден процент од извезената количина.
