Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го стави на увид на ЕНЕР новиот закон за земјоделство и рурален развој. Ова е можност со коментари, сите заинтересирани активно да земат учество во носењето на овој важен документ за земјоделските производители но и за сите кои на било каков начин се поврзани со земјоделското производство.
На платформата Агротим го пренесуваме законот поделен во неколку објави со цел да имате поголема прегледност и запознавање со содржината.
Законот во целост го имате на следниот линк.
Мерки за стабилизација на пазарите на земјоделски производи
Интервенциски мерки
Член 77
(1) Интервенциските мерки се наменети за стабилизација на пазарите на земјоделски производи и можат да се воведат кога настанува нарушување меѓу понудата и побарувачката на домашниот пазар на земјоделски производи.
(2) Мерките од став (1) на овој член можат да се реализираат по пат на:
- интервентен откуп и
- поддршка за складирање.
(3) Мерките од став (2) на овој член се однесуваат на пченица од домашно производство.
(4) Владата на предлог на министерот, може да определи и други земјоделски производи за кои се однесуваат мерките од став (2) на овој член.
Интервентен откуп
Член 78
(1) Заради стабилизирање и уредување на пазарот со пченица, а за потребите на стоковите резерви, под услови и постапка пропишани со овој закон се врши интервентен откуп на пченица.
(2) Интервентниот откуп може да се врши само на пченица која е произведена во Република Северна Македонија и која ги исполнува условите и критериумите за интервентен откуп пропишани со овој закон.
Надлежен орган за интервентен откуп
Член 79
(1) Спроведувањето на интервентниот откуп на пченицата го врши Министерството, преку Агенцијата и Агенцијата за стокови резерви.
(2) Агенцијата ја спроведува постапката за избор на прифатливи понудувачи, согласно со одредбите од овој закон.
(3) Агенцијата за стокови резерви склучува договори за набавка на пченица со избраните понудувачи од став (2) на овој член.
(4) Исплатата на средствата за реализација на договорите за набавка на пченица од став (3) на овој член се врши од страна на Агенцијата за стоковни резерви во висина на пазарната цена на пченицата од член 80 од овој закон со средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.
Интервентна цена
Член 80
(1) Откупот од член 78 од овој закон се врши по интервентна цена.
(2) Владата, на предлог на Министерството, ја утврдува висината на интервентната цена на пченицата во рамките на просечните производни трошоци за производство на килограм пченица за дадената производна сезона зголемени до 25%.
(3) Пазарната цена е просечна месечна откупна цена на пченица на пазарите во Република Северна Македонија која се води согласно со Земјоделскиот пазарен информативен систем.
(4) Доколку пазарната цена на пченицата е повисока од просечните производни трошоци, не се врши интервентен откуп.
(5) Просечните производни трошоци се утврдуваат секоја година врз основа на методологија за пресметка на трошоците за производство на пченица.
(6) Методологијата од став (5) на овој член, ја пропишува министерот.
(7) Разликата меѓу интервентната и пазарната цена за откупената пченица се обезбедува со програмите од член 10 од овој закон.
Оглас и понуди за интервентен откуп
Член 81
(1) Агенцијата, на барање на Агенцијата за стокови резерви објавува оглас за прибирање на понуди за интервентен откуп на пченица.
(2) Јавниот оглас задолжително содржи:
- вид и квалитет на пченицата;
- вкупна количина на пченица која ќе биде откупена;
- услови кои треба да ги исполнуваат понудувачите во однос на организациона форма и големина на производните капацитети;
- критериуми за избор на прифатливи понудувачи;
- локација на складиштата;
- потребна документација;
- начин и рок на доставување на понудата и
- други потребни податоци.
Услови
Член 82
(1) Право на учество на огласот од член 81 од овој закон имаат земјоделските стопанства регистрирани во ЕРЗС.
(2) Земјоделски стопанства можат да ги понудат само количините на сопствената произведена пченица на површините пријавени во ЕРЗС за дадената производна сезона.
(3) Минималната количина која може да биде понудена од еден понудувач е 10.000 килограми, а максималната 50.000 килограми пченица.
(4) Критериум врз основа на кој ќе се врши изборот на прифатливи понудувачи е времето на поднесување на комплетна понуда.
(5) Во случај на поголем број на прифатливи понуди од огласените количини, се избира понудата на понудувачите кои порано поднеле комплетна понуда во рамките на рокот за поднесување.
Постапка за избор и известување по понудите за интервентен откуп
Член 83
(1) Директорот на Агенцијата донесува решение за избор на прифатливи понудувачи по објавениот јавен оглас.
(2) Решението од став (1) на овој член задолжително содржи име и презиме на понудувачот, адреса на понудувачот и количина на пченицата за интервентен откуп.
(3) Против решението од став (1) на овој член не е дозволена жалба и истото е конечно во управна постапка.
(4) Против решението од став (1) на овој член може да се поведе управен спор. Поведувањето на управен спор не го одлага извршувањето на решението.
(5) По конечноста на решението од став (1) на овој член Агенцијата за стокови резерви склучува договори за набавка на пченица со избраните понудувачи на пченица за интервентен откуп.
Поддршка за складирање
Член 84
(1) Поддршка за складирање значи обезбедување на пониска цена за складирање или покривање на трошоците за складирање на одделни земјоделски производи.
(2) Постапката за доделување на финансиската поддршка од став (1) на овој член и потребната документација, корисниците, висина на поддршката, условите за складирање и видот и квалитетот на производите ги пропишува Владата на предлог на министерот.