Додека проценките за жетвата кај двата најголеми извозници на Канада и САД се намалуваат, пазарните цени се искачуваат на историско високо ниво. Глобалната понуда станува сѐ понеизвесна, а европската пченица станува сѐ побарана на светскиот пазар, пишува Аgrarheute.
На пазарот за големопродажба и извозното пристаниште во Хамбург на крајот од минатата недела, пченицата се тргуваше по цена од 273 евра за тон, што е за пет евра повеќе од претходната недела. Цените на сточниот јачмен се движеа помеѓу 245 и 247 евра за тон, додека еден тон ‘рж чинеше 240 евра, што значи дека поскапел за пет евра во споредба со претходната недела.
На берзата во Чикаго, еден тон пченица се тргува по цена од 249,66 евра, додека на парискиот EuroNext чини 276 евра. На францускиот FOB цената е високи 278 евра /т, додека на рускиот FOB е 267,86 евра.
Цената на пченката на СМЕ се намали на 180,65 евра/тон, додека на EuroNext изнесува 245,75 евра за тон.
Рекордното производство нема да ги спаси залихите
Според аналитичарите, неизвесната глобална состојба со снабдувањето најверојатно нема да се промени многу во наредните месеци, дури и ако приносите во претстојната жетва во Австралија бидат високи. Ова е потврдено со новиот извештај на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), кој укажува на рекордно глобално производство на житни култури од 2.800 милиони тони оваа година, што е за 1,1 отсто повеќе отколку во 2020 година. Но, се вели дека производството не успеало да го задоволи нивото на потрошувачка, поради што светските залихи се трошат со побрзо темпо.
Во октомврискиот извештај, американското Министерство за земјоделство ги намали глобалните залихи за шест милиони тони, на само 277 милиони тони, што е намалување за дури 11 милиони тони во споредба со претходната година. Помали се и очекувањата од производството на пченица во Руската Федерација, каде што жетвата е завршена, а резултатите покажуваат помали приноси од претходно предвидените поради сушата.
Меѓународната побарувачка е на многу високо ниво. Минатата недела, Египет, најголемиот светски увозник, купи 180.000 тони руска и 60.000 тони романска пченица.
Европската комисија објави дека вкупниот извоз на пченица помеѓу 1 јули и 4 октомври достигнал речиси 8,1 милиони тони, што е за 45 проценти повеќе од истиот период минатата година.
Според официјалните податоци, само 718 илјади тони се испорачани од Франција во трети земји. Наспрема тоа, 966 илјади тони веќе се продадени во Германија, а стапката на извоз е уште висока. Меѓутоа, Романија веќе извезла 2,93 милиони тони на светскиот пазар. Бугарија продолжува да ја следи како извозник со 1,27 милиони тони. Ова ја става Германија на третото место на европскиот извоз, пред Летонија, Литванија и Полска.
Досега главни откупувачи на европска пченица беа Алжир, Јужна Кореја, Египет, Нигерија и Јужна Африка. Сите извозници информираа дека зголемувањето на трошоците за транспорт е голем товар за меѓународниот бизнис.
Цените на јачменот во Европа се исто така на многу високо ниво поради високата побарувачка за извоз.
