Производителите на земјоделски машини во Франција, која е најсилна во овој сектор во Европската Унија, планираат да ги зголемат цените оваа година. Според економскиот извештај на Здружението на производители на земјоделска опрема „Аксема“ за 2021 година, причината за зголемувањето на цената на суровините и недостиг на компоненти, како и истовремено зголемување на побарувачката.
Откако цените на житото се зголемија, земјоделците сакаат да инвестираат во нови машини. Оваа ситуација се совпадна со нарушувањето на глобалниот ланец на снабдување поврзано со пандемијата ковид-19, што создава големи потешкотии за производителите на опрема како што се „AGCO Corp“ од САД и „Deere & Co“.
Од „Аксема“ тврдат дека во Франција скоро сите производители очекуваат повисоки продажни цени како одговор на притисоците во ланецот на снабдување.
Според најновото истражување спроведено помеѓу нивните членови, ризиците поврзани со состојбата со недостаток на суровини се влошуваат.
– Дури 94% од компаниите се соочуваат со потешкотии во снабдувањето, 75% од нив се соочуваат со недостаток првенствено на челик, а потоа и електронски и хидраулични компоненти. Конечно, 13% сметаат дека привременото исклучување на одредени производни линии е неизбежно – се наведува во соопштението каде што додаваат дека зголемувањето на трошоците за производство (индустриски суровини, енергија, транспорт) ги става производителите во ризик од значителен пад на маржите.
Кога станува збор за цената на челикот, што може да претставува 30 до 40% од трошоците за производство, тие се зголемиле двојно минатата година. Затоа, тие ја повикуваат ЕУ да ги ублажи ограничувањата на стоките насочени кон спречување на неправеден увоз на таа суровина. Земајќи ја предвид заостанатата количина на производство, сепак се очекува продажбата на земјоделски машини во Франција да се зголеми за пет до седум проценти оваа година, односно да достигне вредност од 6,4 милијарди евра.
Извор: добројутро.рс
