Претприемачот Даворин Штетнер во срцето на Жумберк, едно од еколошки најзачуваните подрачја, направил еко-фарма на која одгледува јапонски wagyu говеда.

Истакнува дека станува збор за долгорочна инвестиција, во која ги обновува и напуштените куќи во малото село Тихочај и планира да го вработи семејството кое тука ќе живее и ќе се занимава со сточарство.

„Секогаш кога летам над Хрватска и Европа гледам огромна разлика помеѓу обработените и необработените подрачја. Имаме идеална земја за земјоделство, па размислував зошто јас да не ја активирам?“, вели Даворин, кој на подрачјето Парк на природата Жумберак – Самоборско горје, окрупнува земјиште за својот проект Рент-а фарм.
Сакам овде да направам мала Швајцарија
Овој енергичен претприемач го откупува околното земјиште, во план му е расчистување на грмушките и како што вели, ќе му требаат барем две години тие површини да се исчистат и да се стават во функција. Како многу инвеститори и тој во почетокот наишол на проблеми околу сопственоста на земјиштето кое сакал да го купи. Досега откупил околу 150 парцели земја, вкупно 25 ха, но објаснува дека од тоа само два хектари се во ARKOD.

„Ова е макотрпно и многу работа имаат моите адвокати и геодети, кои се радуваат на овој проект, но јас имам долгорочна цел – да направам од ова место мала Швајцарија“, вели овој визионер, еден од организаторите на Светското првенство во рели – WRC Croatia Rally 2021 кое минатиот месец се одржа во Хрватска.
Идејата е на оваа локација да бидат говедата на разни сопственици, за што постои голем интерес, бидејќи ова е одржлива еко-фарма, без употреба на антибиотици и адитиви, а се наоѓа на 770 метри надморска височина.

После три десетлетија стоката се врати во Тихочај
„Во недопрената природа условите за одгледување на стока се идеални, околните пасишта по својата структура и квалитет се извонредни, а говедата на нив слободно се движат, ја пасат трева што ја сакаат, што е многу подобро и поздраво за нив“, појаснува д-р Никола Рошиќ од Ветеринарната станица Јастребарско која се грижи за овие јапонски говеда.
Опремата на оваа фарма, која во Тихочај не е видена веќе триесет години, целосно е автоматизирана, па присуството на човечка рака не е неопходно, а сето тоа будно го следат видео камери.

Wagyu е името за четири раси висококвалитетни говеда, од кои настануваат најценетите шницли на светот. Квалитетот на месото е на високо ниво во однос на класичните грла, со посебен вкус и мирис, што резултира со многу поголема пазарна цена. Се одгледуваат до 500 кг тежина, а пазарната цена на килограм ова говедско се движи помеѓу 300 и илјада евра.
Извор: agroklub.com
