Земјоделци од целиот Струмички Регион денеска претпладне се собраа на нов протест во центарот на Струмица. Со своите трактори и земјоделска механизација го блокираа подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, барајќи повисока откупна цена на црвената пиперка – ајварка, која сега чини 25 денари за килограм.
Иако министерот за земјоделие Борче Серафимовски по неколку одржани состаноци со фабриките предложи одредено зголемување на откупните цени, сепак производителите чекаат официјален договор и, како што посочија, дотогаш не отстапуваат од своите барања.
„Нашите барањата беа јасни: бараме итно зголемување на цената на куртовската капија на (I – 50 денари, I-II – 40 денари, II – 20 денари по килограм). Бараме итна и навремена исплата на субвенциите по килограм предадена роба и површина, бараме намалување на рокот на исплата на три месеци за предадена количина во фабриките, а бараме во иднина да имаме и редовни и навремени состаноци со министерството, фабриките и откупувачите најмалку месец дена пред секоја сезона на сеидба и берба, со цел да постигнеме навремена превенција и заедничко планирање на нашите производи“, порачаа од Месно здружение на млади „Муртино“.
Извор: Слободен печат
Фото: Дрнка.мк
