Цените на зеленчукот во Кина значително се зголемија во последните недели. Меѓу кинеските потрошувачи се јави загриженост и неизвесност за тоа како цените ќе продолжат да се движат. Зошто дојде до голем пораст на цените?
„Зеленчукот е толку скап што морам да јадам месо.“, „Купив парче брокула за 10 јуани (1,5 долари). Пред неколку дена беше само 3,5 јуани“, се само дел од коментарите на кинеската социјална мрежа слична на Twitter – Sina Weibo.
Од октомври, коментарите за поскапувањето на зеленчукот ги преплавија кинеските социјални мрежи. Многу корисници на интернет велат дека зеленчукот сега чини повеќе од свинското, основното месо во земјата.
Зошто цените се толку високи?
На пазарот за зеленчук во Шангај, малопродажната цена на некои зеленчуци порасна на 20 јуани за килограм (3 долари), приближувајќи се до цената на месото. Причината за ваквите високи цени многумина ја гледаат во голем број поплавени ниви, но и во премногу студено време.
Така, поради невообичаено обилните врнежи, производството на домати е намалено за една четвртина во однос на претходните години.
Според неодамнешните податоци објавени од страна на Министерството за земјоделство и рурални прашања на Кина (МОА), цените на зеленчукот во октомври низ целата земја пораснале за 16 отсто на месечна основа. Вкупно 26 видови зеленчук поскапеле од септември, а краставиците и спанаќот во октомври поскапеле за цели 45%.
Купувачите наоѓаат начини да купат поевтин зеленчук
Високите цени на зеленчукот ги наведоа потрошувачите да најдат различни начини да заштедат пари. Некои сметаат на попусти на платформите за е-трговија, додека други купуваат зеленчук со попуст навечер.
Оние кои собираат купони за онлајн попусти ги споредуваат цените и купуваат поголеми количини зеленчук одеднаш за да заштедат.
Сепак, мислењата се поделени. Така, одреден број луѓе сè уште купуваат на локалните пазари, бидејќи сметаат дека цените се поприфатливи од оние на платформите и дека така цената на три оброци дневно е и до 20% пониска од онлајн купувањето.
Потрошувачите имаат друг начин да заштедат. А тоа е купување после 20 часот. Маркетите во периодот нудат попусти на непродадена свежа стока, па зеленчукот може да се купи за 50% пониска цена.
Кина воведува мерки за стабилизирање на цените на зеленчукот
Како одговор на поскапувањето на зеленчукот, МОА во петокот објави известување во кое бара од локалните власти да обезбедат стабилно снабдување и стабилни цени на зеленчукот.
Мерките вклучуваат воспоставување „зелен канал“ за транспорт на свежи земјоделски производи за подобрување на ефикасноста на транспортот на овошје и зеленчук. Кинескиот индекс на потрошувачки цени (CPI), главната мерка за инфлацијата, се зголеми за 0,7 отсто на годишно ниво во септември, покажуваат податоците на Националното биро за статистика.
И неодамнешното зголемување на цените на зеленчукот се очекува дополнително да го поттикне индексот на потрошувачките цени во октомври.
Сепак, сегашниот раст на цените на зеленчукот главно се должи на сезонските ефекти во текот на летото, така што тоа нема да доведе до трајно зголемување на инфлацијата на потрошувачките цени откако ќе пристигне втората понуда.
