Интегрирана дигитална платформа која овозможува следење на свежото овошје и зеленчук од парцелата, преку бербата, складирањето, пакувањето и транспортот, до финалниот купувач е едно од најновите решенија кои излегоа од првиот македонски Европски дигитален иновациски хаб, ИНОФЕИТ ЕДИХ. Решението веќе го користат неколку македонски извозно ориентирани компании кои имаат потреба од подобра организација, автоматизација и следливост што им овозможува подобра позиција на странските пазари.
Директорот на ИНОФЕИТ ЕДИХ, проф. д-р Димитар Ташковски, во интервју за Иновативност вели дека тимот и во иднина ќе работи на развој на платформата со поставување на агрометеоролошки станици кај компаниите и собирање податоци поврзани со состојбата на почвата, културите и генералните метеоролошки услови, а се планира и примена на методи од машинско учење и анализа на податоци, со што компаниите ќе добијат дополнителна поддршка при носење одлуки, предвидување на ризици, оптимизација на производството и подобро планирање на ресурсите. Целта, посочува Ташковски, е платформата да прерасне во интегриран систем за паметно земјоделство.
Новинар – Сања Наумовска
Проф. Ташковски, неодамна презентиравте интегрирано дигитално решение за следливост на свежо овошје и зеленчук од парцела до финален купувач. Објаснете ни за какво решение се работи?
Станува збор за интегрирана дигитална платформа која овозможува целосна следливост на свежото овошје и зеленчук низ целиот синџир – од самата парцела, преку берба, складирање, пакување и транспорт, па сè до финалниот купувач. Решението овозможува дигитално евидентирање и следење на сите клучни процеси, контроли на квалитет, третмани, серии на производи и логистички информации во реално време. Целта е компаниите да имаат подобра контрола врз производството, повисоко ниво на безбедност и квалитет на производите, но и полесно исполнување на барањата на странските пазари и големите трговски синџири.
Во пракса, системот овозможува секој производ или серија да биде дигитално евидентирана уште од самата парцела. Потоа се следат сите понатамошни процеси – берба, прием, сортирање, пакување, складирање и испорака. На тој начин компанијата во секој момент има точна информација за потеклото, статусот и движењето на производот.
Колку време се работеше на проектот и како дојде идејата да се креира ваков тип на алатка? Колку компании во моментов го користат решението?
Идејата за проектот произлезе од иницијатива на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, која има значајно искуство во развојот на туризмот и земјоделството во нашата држава. Преку нивната директна работа со секторот земјоделие и преку здружението МАКФРЕШ, кое ги обединува најголемите извозници на свежо овошје и зеленчук, беше стекнат длабок увид во реалните предизвици со кои се соочуваат компаниите. Токму од таа блиска соработка со индустријата произлезе потребата за ваков тип на решение. Извозно ориентираните компании имаат потреба од подобра организација, автоматизација и целосна следливост на процесите, особено во услови кога барањата на странските пазари стануваат сè построги.
Во текот на разговорите со компаниите беше утврдено дека голем дел од податоците сè уште се водат рачно или во различни неповрзани системи, што создава административен товар, неефикасност и ризик од грешки. Затоа се пристапи кон развој на интегрирано дигитално решение кое ги поврзува сите процеси во една единствена платформа и овозможува целосна следливост од поле до краен купувач.
Проектот се реализираше во период од околу 4 месеци, преку тесна и интензивна соработка помеѓу експертите од ИМЕ и ИНОФЕИТ ЕДИХ, компаниите од секторот и студент на втор циклус на ФЕИТ, кои дадоа значаен придонес во техничкиот развој и имплементацијата на решението.
Решението во моментов се користи во три компании од здружението МАКФРЕШ. Станува збор за компании кои работат со домашни и странски пазари и имаат високи барања за квалитет, контрола и следливост. Во тек е процес на вклучување на две нови компании и се очекува многу брзо околу 10 компании да бидат корисници на оваа платформа.


Што се предностите за користење на оваа алатка за компаниите? Дали е тоа намалување на потрошеното време или кратење на финнасии или зголемување на ефикасност…?
Придобивките се повеќекратни. Пред сè, се намалува времето потребно за административни активности и рачно внесување податоци. Дополнително, се намалува можноста за човечки грешки и се подобрува организацијата на процесите.
Компаниите добиваат подобра контрола врз производството и залихите, побрзо генерирање извештаи и полесно исполнување на барањата за сертификација и извоз. Воедно, дигитализацијата придонесува и за зголемена ефикасност, подобро планирање и оптимизација на трошоците.
Што е инвентивноста на платформата, во поглед на други слични решенија?
Вакви и многу пософистицирани платформи веќе постојат на глобалниот пазар и широко се користат во развиените земји. Сепак, главната инвентивност на ова решение не е во тоа да „реплицира“ постоечки системи, туку да ги направи тие концепти применливи и достапни за нашите извозници на свежо овошје и зеленчук.
Идејата беше да се развие решение кое е целосно прилагодено на нивните реални потреби, нивото на дигитална зрелост и начинот на кој тие веќе работат. Затоа посебен фокус беше ставен на едноставноста на користење, можноста за постепена имплементација и флексибилноста за различни типови компании. Платформата е модуларна, што значи дека лесно може да се надградува со дополнителни функционалности согласно специфичните процеси на различните компании во рамки на здружението. Во пракса, при вклучување на нова компанија најчесто се развиваат и додаваат нови модули, со што системот континуирано се прилагодува и еволуира според реалните потреби на корисниците.


Колку домашните компании од овој сектор се подготвени за дигитализацијата, дали овој систем е едноставно да се имплементира во веќе постоечките синџири на снабдување на компаниите?
Анализата на дигиталната зрелост кај компаниите што го користат решението покажа дека во моментов нивото на дигитализација сè уште е релативно ниско. Сепак, охрабрувачки е фактот што во самиот процес на развој на платформата се вклучија млади сопственици – ентузијасти, главно образовани во странство, кои се многу свесни за потребата од дигитална трансформација и активно придонесуваа во развојот и унапредувањето на решението.
Општо земено, свесноста за дигитализацијата значително расте, особено кај компаниите кои извезуваат и соработуваат со странски партнери. Сè појасно станува дека дигитализацијата не е повеќе избор, туку неопходност за одржување и зголемување на конкурентноста.
Во однос на користењето, системот е дизајниран да може релативно лесно да се интегрира во постоечките процеси, без потреба од радикални организациски промени. Имплементацијата се одвива постепено, во согласност со капацитетите, подготвеноста и специфичните потреби на секоја компанија.
Дали системот е погоден и за помали компании?
Да, системот е предвиден да биде применлив и за помали компании и производители. Всушност, токму тие често имаат најголема потреба од дигитализација, заради подобра организација, следливост и оптимизација на ресурсите.
Решението е модуларно, што значи дека компаниите можат постепено да воведуваат функционалности, во зависност од нивните реални потреби, капацитети и нивото на дигитална зрелост. На тој начин се избегнуваат големи почетни инвестиции и се овозможува постепена и одржлива дигитална трансформација.
Колку дигитализацијата, особено ова решение, ќе им помогне на домашните компании да станат поконкурентни на пазарот дома и во странство?
Дигитализацијата има директно и суштинско влијание врз конкурентноста на компаниите. Денес, особено на странските пазари и кај големите трговски синџири, се бара високо ниво на следливост, безбедност на храната и целосна транспарентност во процесите на производство и дистрибуција. Компаниите кои користат дигитални системи полесно ги исполнуваат овие барања, побрзо реагираат на промени и имаат значително подобра контрола врз квалитетот. Тоа резултира со поголема доверба кај партнерите, подобра позиционираност на пазарот и поголеми можности за пристап до нови пазари.
Од економски аспект, дигитализацијата директно придонесува за зголемена ефикасност и раст на компаниите. Преку подобра организација, оптимизација на процесите и намалување на загубите, тие можат да работат поефикасно и со пониски оперативни трошоци. Дополнително, системите за следливост сè повеќе стануваат предуслов за пристап до странските пазари, особено во Европската Унија. Тоа значи дека компаниите кои инвестираат во вакви технологии имаат поголем потенцијал за извоз, за привлекување нови партнери и за долгорочен одржлив раст.
Покрај економските ефекти, ваквите решенија имаат и пошироко општествено значење. Тие придонесуваат за поголема безбедност и транспарентност во производството на храна, бидејќи потрошувачите сè повеќе сакаат да знаат од каде доаѓа храната, како е произведена и дали ги исполнува стандардите за квалитет и безбедност.
Какви се вашите планови за во иднина, дали планирате алатката да се развива понатаму? Дали планирате некои слични решенија?
Секако, развојот на платформата продолжува и понатаму. Веќе е договорена следната фаза од проектот, која предвидува развој и поставување на агрометеоролошки станици кај компаниите што ја користат платформата. Преку нив ќе се собираат различни податоци поврзани со состојбата на почвата, културите и генералните метеоролошки услови, со цел да се овозможи уште попрецизно следење и управување со производството. Во третата фаза планираме примена на методи од машинско учење и анализа на податоци, со што компаниите ќе добијат дополнителна поддршка при носење одлуки, предвидување на потенцијални ризици, оптимизација на производството и подобро планирање на ресурсите. Целта е платформата постепено да прерасне во интегриран систем за паметно земјоделство, кој не само што ќе обезбедува следливост, туку и ќе помага во подобрување на продуктивноста, квалитетот и одржливоста на производството.
Паралелно, работиме и на развој на слични дигитални решенија и за други сектори. Досега се реализирани околу десетина прототипни решенија по барање на домашни компании и јавни институции. Наскоро ќе бидат претставени повеќе иновативни решенија, меѓу кои паметна кошничка за пчели, систем за автоматска транскрипција на говор во текст за потребите на Собранието, паметна канта за собирање органски отпад, зелен катастар за општина Штип, платформа за лојална програма на општина Крушево, неколку решенија во здравствениот сектор и други слични системи.
Основната политика на ИНОФЕИТ ЕДИХ е овие решенија да бидат отворени, достапни и применливи за што е можно поголем број компании и институции. Нашата цел не е само развој на поединечни системи, туку создавање на дигитални решенија кои ќе можат лесно да се прилагодуваат, надградуваат и интегрираат кај различни корисници. Токму затоа, активно ќе продолжиме да им помагаме на компаниите и институциите во процесот на имплементација, адаптација и интеграција на овие системи, со цел да се постигне што поголем ефект од дигитализацијата врз економијата и општеството во целина. Воедно, ги повикуваме сите мали и средни претпријатија, како и јавни институции кои имаат иновативни идеи и потреби поврзани со дигитализација, да ни се обратат преку нашата веб-страница (innofeit-edih.mk) и заеднички да ги претвориме тие идеи во конкретни и одржливи дигитални решенија.
Извор: inovativnost
