Како резултат на рекордно високите цени на природниот гас во Европа, компанијата „Yara“ привремено го намалува производството во своите фабрики во Ферара во Италија и Ле Авр во Франција, се вели во соопштението на норвешкиот производител на ѓубрива.
Производство во Европа со капацитет од 45 отсто
Од компанијата посочуваат дека двете постројки имаат комбиниран годишен капацитет од 1 милион тони амонијак и 0,9 милиони тони уреа. Вклучувајќи ја оптимизацијата и одржувањето на другите производствени капацитети, нивното европско производство на амонијак и уреа се очекува да работи со приближно 45 отсто капацитет до крајот на оваа недела.
Тие посочуваат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и максимално да го користат нивниот глобален производствен систем за да продолжат да ги снабдуваат клиентите и да обезбедат континуитет во синџирите за снабдување со храна, но ќе го намалат производството онаму каде што е потребно поради предизвикувачките пазарни услови.
Имено, цените на природниот гас, кој е суровина за производство на ѓубрива, растат од минатата година, а посебен удар е руската инвазија на Украина која трае веќе две недели и воведените санкции за Русија од страна на Европската Унија.
И Русија претходниве денови најави можно запирање на извозот на ѓубрива, по препорака нивното Министерство за индустрија и трговија.
Кога ќе престанат испораките од таа земја, ЕУ може да се соочи со недостиг на минерални ѓубрива, а нивните цени дополнително ќе се зголемат.
„Yara International, K + S Group, CF Industries, Azoty Group и другите производители нема да можат целосно да ја задоволат побарувачката, особено што некои од нив го намалија производството минатата година поради високите цени на природниот гас“, коментираат аналитичарите на Fertilizer Daily.
Тие коментираат дека овој пазар не може да се потпре на северноамериканските компании бидејќи тие прво мора да ги исполнат своите обврски од договорите со земјоделците во САД и Канада.
„Покрај тоа, продажбата во Латинска Америка, која е многу зависна од увоз, може да биде поинтересна за нив отколку за подалечната Европска Унија. Можностите за купување минерални ѓубрива во Африка и Азија се крајно ограничени“, предупредуваат тие.
Јасно е дека овој недостаток може да доведе до пад на приносот на култивираните посеви, следствено на тоа, зголемување на цените на храната, но и недостиг на храна за населението во ЕУ.
Извор: agroklub.com
