Реките во Кичевско-бродскиот регион имаат нешто повисок водостој споредено со претходните неколку години, благодарение на снегот кој на почетокот на април наврна на повисоките планини во регионот и како што вели Миле Стојкоски од РЦУК, високите температури кои владеат во земјава, забрзано го топат снегот на планините и како резултат на зголемениот прилив на вода реките се со нешто повисок водостој.
-Иако имавме доста врнежи од дожд во втората половина на зимата и раната пролет, сепак зголемениот водостој на реките и пред се на најголемата река Треска, се должи на забрзаното топење на снегот предизвикано од се повисоките температури во земјава, додава Стојкоски.
Оваа состојба ќе биде присутна и наредните неколку дена, се додека не се стопат и последните количества на снег.
– Ако погледнете кон планинските врвови што не опкружуваат, ќе забележите дека состојбата секојдневно се менува и се помалку белина останува на планините и се помалку резерви од бел покривач. Денес водостојот на Треска е на кота 50 што е 10 сантиметри над водостојот од претходните неколку години-вели Миле Стојкоски и појаснува дека најдобро е да има периодично врнежи од дожд, кои ќе ја стабилизираат хидролошката состојба, во спротивно со топењето на снегот речните корита ќе почнат забрзано да се празнат, а тоа ќе придонесе да има водна криза и помалку вода за пиење и наводнување на културите. Бидејќи нашите реки се хранат со вода од површинските резерви на планините, и кога е снежна годината тогаш водостојот е стабилен и во текот на летото.
Извор: МИА
