Финска им се придружува на Шведска и Норвешка во планот за намалување на бројот на волци оваа зима, што според властите е неопходно за да се контролира нивниот број. Од друга страна, организациите за заштита на природата и животните бараат од Европската Унија да преземе мерки против овој, како што тие го нарекуваат, масакр.
Ловците во Шведска веќе отстрелаа најголем дел од нивната годишна цел од 27 волци, додека Финска ќе одобри убивање на 20 волци. Норвешка, од друга страна, оваа зима ќе убие околу 60% од волците или 51 животно.
Заштитниците на природата ги обвинуваат нордиските нации дека создаваат најнепријателска средина за волците во Западна Европа и ги кршат законите на ЕУ кои го штитат овој вид. Бројот на волци е зголемен во последниве години, иако во многу земји овој вид сè уште е загрозен.
Во Норвешка 5% од земјата е прогласена за заштитена зона на волците, каде што нивната заштита е приоритет. На волците пронајдени надвор од заштитната зона не им е дозволено да се размножуваат и дозволено е да бидат убиени доколку регионалниот комитет одлучи дека „може да претставуваат закана“ за добитокот или за ирвасите.
