Македонското здружение за заштита при работа во континуитет од 2008 година секоја година објавува извештај за несреќи на работното место.
„Во 2022 година успеавме да забележиме 169 несреќи при работа. Би сакале да потенцираме дека оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек според податоците на Институтот за Јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.
Според податоците кои успеавме да си прибереме и систематизираме 22 потешки несреќи на работното место беа со фатални последици. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17 односно на секои 100.000 вработени, 3 вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со претходната 2021 година, кога изнесувала 3.77.
Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 21 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст.“, пишува во Извештајот.
Според Извештајот, во 2022 година најмногу несреќи имало во Преработувачката индустрија 59, по што следи Јавна управа и одбрана 27 и Градежништвото 14.
Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на домаќинства како работодавачи 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија 3.
Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа.

ПОДЕЛБА НА НЕСРЕЌИТЕ ПО ДЕНОВИ ВО 2022
При анализата во Извештајот е утврдено дека најголем број смртни случаи имало во сабота 6, петок 4, четврток и недела по 3. Скоро ист број смртни случаи, по 2 имало во првите три работни дена од неделата, а исто така голем број на повреди имало и во другите денови од неделата од кои
предничат вторник со 42 и четврток со 41 повреди.

НЕСРЕЌИ ПО МЕСЕЦИ ВО 2022
Според резултатите добиени од анализа на несреќите при работа, по месецот во кој се случиле, можеме да видиме дека најмногу несреќи се случиле во месец мај – вкупно 32. Во летните месеци се случиле најголем број на смртни случаи, месец јули со вкупно 6 е на врвот. Може да се забележи дека несреќите за кои во минатите години предничеа летните месеци, во 2022 година се во благ пад, но имаме пораст во повеќето други месеци особено зима и пролет.
