Во Берово се одржа методско тактичко-показна вежба „Евакуација и спасување на повредени и загрозени лица од пожар”. Активноста во чии рамки беше симулиран пожар во деветолетката ,,Дедо Иљо Малешевски” се реализираше во рамките на програмските активности на ТППЕ Берово.

-Тактичко показната вежба ја организираа Територијалната-противпожарна единица, во соработка со основното училиште ,,Дедо Иљо Малешевски” и тимот на ОВР Берово, Дирекција за заштита и спасување и тимот на итна медицинска помош. Симулирано е пожар, во една од просториите во училиштето и е симулирано дека еден ученик вдишал токсичен чад и при пребарување, лицето е пронајдено, безбедно е евакуирано и предадено на службите од итна медицинска помош, истакнаа од ТППЕ Берово.
Целта на тактичко-показната вежба, како што истакна ВД командирот на ТППЕ Берово, Сашко Руменовски, е децата и вработените во училиштето, да се запознаат како правилно да се евакуираат, при евентуална појава на елементарна непогода.

-Од големо значење, e увежбувањето на вработените и учениците за правилна постапка во услови на загрозеност. Ова е само пример, како треба да се постапува и да се содејствува со професионалните институции нa локалнo ниво, за итни интервенции во објекти, со приоритет, во случај на несреќи. Територијалната-противпожарна единица, често интервенира при пожари во затворен пожар и затоа ваквите вежби се од огромна полза, за унапредување на работата на единицата, рече Руменовски.
Активноста ја проследи и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој информираше дека Територијалната противпожарна едница во Берово брои 15 професионални пожарникари и сите тие како што додаде беа вклучени во реализацијата на денешната тактичко-показна вежба.
МИА
