Нова студија покажа дека поголемите концентрации на полен во воздухот се совпаднале со зголемениот број луѓе кои се заразиле со ковид-19.
Користејќи податоци од 130 локации во 31 земја, истражувачите откриле дека количините на полен во воздухот, комбинирани со влажноста и температурата, придонеле за 44% зголемување на инфекции со коронавирусот во пролетта 2020 година, пренесува Ројтерс.
Ефектот не е поврзан со алергии на полен, а извештајот објавен минатиот понеделник во Националната академија на науките на САД, објаснува дека изложеноста на полен ја намалува способноста на респираторниот систем да се одбрани од вирусот затоа што го намалува ослободувањето на антивирусниот протеин интерферон.
Студијата исто така покажа дека при слични концентрации на полен, бројот на инфекции се намалил за време на карантинот, бидејќи забраните за движење го ограничуваат пристапот до вирусот, но и до поленот.
„Бидејќи не можеме да избегнеме изложеност на полен, ги советуваме лицата кои спаѓаат во поризичните групи да носат посебни маски со филтер во периодот кога има високи концентрации на полен“, изјави коавторот на студијата, Атанасиос Дамиалис од Техничкиот универзитет во Минхен.
