Има неколку земјоделци кои преку Агротим редовно ги следиме со активностите и заедно се радуваме на успешните реколти и заработката која ја имаат од мачната земјоделска работа.
Тука секако е почитуваниот Бајро Асцериќ од село Виничани – Градско, земјоделски производител кој може да биде пример за тоа како со сериозен пристап кон земјоделското производство, ангажман на целото семејство и поддршката од државата, може добро да се живее од земјоделство.

Денеска има берба на пиперки и на својот Фејсбук профил со право се пофали со квалитетот и родот на пиперката.
Во изјава за Агротим, вели дека има насадено 1 ха под пиперки, родот е одличен и според најавите 90% му е продаден.
-Има голема побарувачка од Неготино, Кавадарци, Росоман и Градско. Пиперот го продавам по цена од 40 – 50 денари за килограм. Прво го нудев на некои преработувачки капацитети но не се договоривме за цена. Уште подобро, вака имам повисока цена за пиперките. Задоволен сум од годинешната реколта – вели Асцериќ.

„Ова не е Калифорнија, ова е Македонија! Со многу труд и желба за работа, земјата знае да награди. Поздрав земјоделци!“
