Боне Спасовски од село Виничани пред три години започна со инвестиција од 55 000 евра во нов лозов насад од сортата „Темјаника“.
Лозовиот насад се наоѓа во село Свеќани, на 460 метри надморска висина, во подножјето на планината Клепа.


-Инвестицијата во насадот со Темјаника е 55 000 евра, сопствени средства. Садниците се италијански по цена од 90 денари – садник. Во подигнување на насадот ми помогнаа десетина мои блиски луѓе и завршивме добра работа. Се надеваме на успешност и долги години да береме квалитетно грозје. Оваа година планирам да наберам 40 тона темјаника од 20 декари насад што е трета година – вели Спасовски.

Најновите фотографии и видеа од насадот зборуваат за професионалност, посветеност и искуство во лозарството. Спасовски држи час по лозарство. Одличен пример и охрабрување за сите кои планираат да се занимаваат со земјоделство, како профитабилна стопанска гранка.

После три години работа, се гледа на дело сработеното, очекувам добар род – вели Спасовски.
Иднината ја гледа најмногу во лозарството поради решениот пласман.
-Имам добра соработка со винарија „Камник“ и годинава ќе оди таму вранецот по 35 денари за килограм. Темјаниката ја купуваат помалите винарии и за неа постои голем интерес, лани достигна цена од 40-45 денари за килограм – изјави Спасовски.

Репортажата за земјоделскиот производител Боне Спасовски од Виничани ќе ја завршиме со неговите планови за иднината кои ги гледа во лозарството, производството на квалитетно грозје и сигурниот профит кога се работи, како што вели, професионално и со љубов.