Неодамна беа доделени договори за финансиска поддршка до 10.000 евра за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“ од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој. Од вкупно 111 апликации, 50 млади земјоделци се добитници на грант до 10.000 евра. Грантовите се неповратни средства и претставуваат иницијална поддршка од државата, за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи. И Емина, Никола, Шпати и Адиса уредно аплицирале на повикот и добија грант до 10.000 евра за мерката „Млад земјоделец“ со чија помош ќе ги остварат своите бизнис планови.
Емина Таири, млада земјоделка од Тетово, домаќинка и мајка на три деца, преку медиумите дознала за мерката „Млад земјоделец“ и заедно со нејзиниот сопруг решиле да ја пополнат апликацијата.

Таа применува органско производство за одгледување лешници. Одгледуваат лешници од сортата римски округли, а садниците ги набавуваат од расадник од тетовското село Ратае.

Нејзиниот насад на кој има 540 стебла лешник, се наоѓа во атарот на тетовското село Фалише. На истата локација таа има поставено кошници со пчели, па со сопругот произведуваат и мед и пчелни производи.
Нејзиниот деловен план е да го зголемува производството, за што ѝ е потребна набавка на машина за собирање на лешници.
Емина ги исполнила сите услови од јавниот повик и е добитник на грант до 10.000 евра, со кој ќе може да ја набави машината, да си го олесни производството и да го модернизира процесот.
Шпати Шпат Неџбедин Абдии е млад земјоделец од с. Џепчиште, Општина Тетово, чија основна дејност е сточарство.
Одгледува 52 грла молзни крави, а храната за нив ја обезбедува со сопствено производство на житни и фуражни култури.

Неговиот деловен план подразбира набавка на опрема за преработка на млеко, како и опрема за складирање и чување на сировото млеко. Со набавката на оваа опрема тој ќе го модернизира производството, ќе ги намали трошоците, а производите од млеко ќе добијат додадена вредност и зголемен квалитет.
Никола Андов е млад земјоделец, сточар. Тој има 37 молзни крави од расата Холштајн-Фризиска, кои ги одгледува во Венуле-Црквино и уште 163 во с.Попадија-Чашка. Значи вкупно 200 грла, што е одличен капацитет и ја заслужува поддршката од државата.

Поседува и мала површина засеана со јачмен во Црквино и има план површината да ја зголеми и да може самиот да произведува храна за говедата.
Неговиот деловен план е во насока на сертифицирано органско сточарско производство, за што му е потребна модерна сточарска опрема.
Адиса Амети е млада земјоделка која работи на семејна фарма во општина Боговиње, каде што на 2 хектари површина, одгледува вишни, а има и 7 пчелни семејства.

Нејзиниот деловен план е во насока на модернизација на производството, конкретно таа ќе набави автоматски тресач на вишни со што процесот на берба ќе биде побрз и поедноставен. Планира да набави и опрема за преработка на медот.
Можноста која и ја дава државата со финансиската подршка во форма на неповрати 10.000 евра, ќе придонесе за поефикасно и поекономично производство со поголеми приноси и поголем профит.
