Ванчо Кировски, претседател на здружението Меден Исток, се занимава со пчеларство уште од далечната 1993 година, а последниве години е посветен на одржливото пчеларство. Тој е еден од едукаторите кој преку обуките за основно пчеларство на одржлив начин им ја всади љубовта кон пчеларството на многу млади луѓе од државата.
„Во досегашната пракса, лично сум ги испробал сите конвенционални и органски методи и технологии на пчеларење и денес со сигурност можам да кажам дека најдобар начин е одржливото пчеларење со употреба на биотехничките методи „Отстранување на легло“ и методот „Затворање на матицата во кафез“. Сметам дека овие методи уште повеќе можеме да ги усовршиме и комбинираме за попродуктивно пчеларење.“, вели Ванчо.

„Како претседател на Меден Исток, морам да потенцирам дека нашата успешност и резултатите на секој поединечно, се плод пред сѐ на несебичната поддршка на тимот од Фармахем, кој ја координира Програмата за зачувување на природата (ПЗП) финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Најважно според мене е да пчелариме со љубов, трпеливост и упорност кон пчелите.“
