Утре завршува рокот за поднесување на барања за субвенции за Програмата за директни плаќања за 2020 година. Сите земјоделци кои сакаат да ги поднесат своите барања можат да го сторат тоа самостојно, по електорнски пат преку регистрирање во системот на веб страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој www.ipardpa.gov.mk, заклучно со утрешниот ден (петок) до 00.00 часот.
Оние земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош при пополнување на електронските барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во целата држава.
Доколку им е потребна дополнителна помош, земјоделците може да го сторат тоа и телефонски на контакт броевите кои се истакнати на веб страната на МЗШВ.
До денеска најголемиот број на земјоделци ги поднесоа апликациите за субвенции. Конкретно, досега за субвенции за мерките од Програмата за директна поддршка за 2020 година, аплицирале 60.350 земјоделци, а според информациите од подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во текот на денешниот и утрешниот ден се очекува оваа бројка да се зголеми.
МЗШВ апелира, земјоделците да го запазат рокот за поднесување на барања субвенции, со цел да може да се продолжи постапката за обработка на решенијата за исплата на субвенциите.
Во овој период се поднесуваат барања за субвенции за растително производство и тоа за поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади, за сточарско производство, односно оние земјоделци кои одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи, за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.