Предмет на јавниот повик за мерка 113 „Млад земјоделец“ е доделување на финансиска поддршка за поттикнување на земјоделското производство. Средствата се наменети за инвестиции за набавка на нови основни средства, оперативни трошоци поврзани со набавените средства и останати трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година.
ВИСИНА НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
Максималниот износ кој може да се додели на еден корисник изнесува 1.200.000,00 денари (еден милион и двеста илјади).
Одобрените и исплатени средства се неповратни при што корисникот не смее да ја отуѓи инвестицијата ко-финансирана од средствата на оваа Програма во рок од 5 години од денот на исплатата на средствата. Опремата која ќе биде предмет на договорот треба да биде нова опрема произведена не порано од 2018 година.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
На јавниот повик може да аплицираат носители на земјоделски стопанства на возраст од 18 до 40 години. На денот на поднесување на барањето до Агенцијата, носителот на земјодлеското стопанство потребно е да има помалку од 40 години.
- Индивидуален земјоделeц
– вршител на земјоделска дејност согласно Закон за вршење на земјоделска дејност; или
– кој се стекнал со статус на осигуреник согласно Закон за пензиско и инвалидско осигурување; или
– кој се занимава со земјоделство како дополнителна дејност - Трговец поединец
– регистриран согласно Закон за трговски друштва; - Трговско друштво
– регистриран согласно Закон за трговски друштва.
Земјоделските стопанства мора да се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во согласност со Закон за земјоделството и рурален развој и да не користеле помош од претходниот јавен повик за мерката 112.
НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ
Потенцијалниот корисник на средствата треба да поднесе електронско барање за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година по соодветната мерка на e-baranje.ipardpa.gov.mk.
Деталниот опис за креирање на барање за финансиска поддршка се наоѓа во „Упатство за поднесување на барање“.
По креирањето и поднесувањето на електронското барање за финансиска поддршка, барателот треба да го преземе, испечати и потпише и заедно со сите пропратни документи, соодветни на типот на инвестицијата се доставува до Агенцијата во затворен плик на кој на горниот лев агол да пишува „Барање за финансиска поддршка, Архивскиот број на Барањето (0120- 11316-ХХХХ/1)“ на следната адреса:
АФПЗРР – Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој
ул. „3-та Македонска бригада” бр.20
(зграда на Македонија Табак блок Ц)
1000 Скопје
Република Северна Македонија
или лично на рака во архивата на АФПЗРР на истата адреса секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Потенцијалниот корисник ќе биде писмено известен за прифаќање или одбивање на неговото барање во рок не подолг од 3 месеци од завршување на јавниот повик. Доколку барањето биде оценето позитивно и прифатено, АФПЗРР до потенцијалниот корисник испраќа „Решение за одобрување на барање”.
РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Крајниот рок за доставување на барањата е 10.03.2020 година.
Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Напомена: Долунаведените документите кои се доставуваат во прилог на барањето за финансиска поддршка, треба да се оригинал на македонски јазик или копија заверена на нотар, доколку не е поинаку определено. Доколку документацијата е на друг јазик истата треба да биде придружена со превод на македонски јазик оверен од овластен преведувач. Доколку се работи за официјален документ на друга држава треба да биде оверен со апостил.
- Уредно и целосно пополнето електронско Барање за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година ПРР – 113; (поднесено преку e-baranje.ipardpa.gov.mk)
- Понуда со детална техничка спецификација за производите за кои се бара финансиска поддршка;
- Деловен план – изготвен согласно Упатството за изготвување на деловен план за Мерка 113;
- Доказ за завршено образование:
– Диплома за завршено образование од област на земјоделство; или
– Сертификат за завршена обука за здобивање на квалификации за вршење на земјоделска дејност; - Доказ за поседување или располагање со недвижен имот:
– Имотен лист – издаден од Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија, не постар од три месеци сметано од денот на објавување на јавниот повик; или
– Договор за закуп на земјиште/објект во траење од најмалку 5 години сметано од денот на објавување на јавниот повик, и прилог имотен лист за земјиште/објектот на име на закуподавачот издаден од Агенција за катастар на недвижности на Република Македонија, не постар од три месеци сметано од денот на објавување на јавниот повик; или
– Договор за концесија на земјиште/објект во сопственост на Република Северна Македонија со важност од најмалку 5 години сметано од денот на објавување на јавниот повик со Записник за воведување во владение и прилог имотен лист;
Напомена: Доказ за поседување/располагање со недвижен имот се доставува во случај кога инвестицијата опфаќа ископ на бунари (само за фарми и објекти), градба, конструкција/реконструкција на објект/и и пластеници; - Одобрение за градба, конструкција/реконструкција со проектна документација врз основа на која е издадено одобрението за градба, конструкција/реконструкција од единицата за локална самоуправа
Напомена: За инвестиции кои вклучуваат градба, конструкција или реконструкција на објекти - Договор/Понуда за услуги од трети лица за надзор и изведување на градежни работи, за изработка на опрема, конструкција на елементите и инсталирање на опрема вклучително и софтвер;
– Договор/Понуда за услуги од трети лица за изработка на деловен план, студии, елаборати, планска и техничка документација;
Напомена: Договор за услуги од трети лица се доставува доколку услугата е од физичко лице, или Понуда се доставува доколку услугата е од правно лице. Договор за услуги се доставува доколку барателот користи услуги од трети лица и за истите бара финансиска поддршка; - Договор/Понуда за обука за вршење на соодветна земјоделска дејност согласно предвидениот производствен план од деловниот план (доколку барателот не поседува доказ за завршено соодветно образование а побарува финансиска поддршка за наведените обуки);
- Решение за упис во регистар на земјоделски задруги при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (доколку земјоделското стопанство е член на земјоделска задруга);
- Доказ/Потврда за заснован/незаснован работен однос во последните 2 години, издадена од Агенција за вработување на Република Северна Македонија.
ПРИФАТЛИВИ ТРОШОЦИ
Набавка на градежни материјали за изградба и/или опремување на затворени/заштитени простори (стакленици/пластеници) и/или објекти како и други комерцијални објекти и опрема за постбербени активности, преработки на фарма и директен маркетинг на фарма за следните сектори:
- Овошје и зеленчук вклучувајќи и компири, печурки и мешункасти растенија;
- Житарици, мелнички производи и производи од скроб;
- Растителни и животински масла и масти;
- Шира од грозје, сок од грозје, вино и оцет, маџун и др;
- Месо и месни производи;
- Млеко и млечни производи; (вклучувајќи јајца и живина)
- Пчеларство
- Сточарство
Градежни материјали за изградба и/или опремување на затворени/заштитени простори (стакленици/пластеници) и/или објекти како и други комерцијални објекти:
- за инсталирање / одржување на прифатливата опрема
- за постигнување на стандардите за животната средина
- за постигнување на добра земјоделска пракса
- за обезбедување на хигиенски и санитарни услови
- да се обезбеди административен простор
- помошни објекти – пристап, уредување и оградување
Набавка на машини и опрема за преработка:
- Опрема за прием, собирање и чување
- Опрема за подготовка за сортирање, чистење, миење, сушење, дезинфекција, обложување со восок, сортирање, калибрирање, отстранување на оштетени плодови, детектирање на метал и стакло или други цврсти материјали
- Опрема за пред-ладење, ладење и замрзнување
- Опрема за сечење, мелење и останата опрема за подготовка пред преработка
- Опрема за филтрација, де-аерација, ферментација, стабилизација, сепарација, хомогенизација, пастеризација и стерилизација
- Резервоари, танкови
- Опрема за конзервирање, сушење, десикација, замрзнување
- Опрема за полнење, флаширање, пакување и означување/етикетирање
- Зашеметување, искрварување, опрема за горење и опрема за отстранување на внатрешни органи
- Опрема за сечење и откостување
- Опрема за пчеларство, производство на мед и други пчелни производи
- Опрема за манипулација, утовар и истовар, виљушкари, транспортприколки, ладилници, палети, приклучни возила за ладење, подвижни ленти, опрема за мерење и квалитет
- Опрема за подобрување на стандардите за благосостојба на животните, како што се обезбедување на редовен пристап до свежа вода, храна, сместување на животните пред колење
- Оперативни трошоци за маркетинг на преработки од примарни земјоделски производи.
ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ
Избор на корисници се врши со проверка на исполнување на условите за користење на средства за инвестиции предвидени со мерката 113. Барателите кои ги исполниле условите за стекнување со право на користење на финансиска поддршка, се рангираат со бодување согласно подолу прикажаната табела. АФПЗРР ќе склучи договори во рамките на расположливите средства.
За да биде прифатлив, корисникот за поддршка за поттикнување на земјоделско производство треба да добие најмалку 60 бодови.
Цели на мерката (критериуми) | Бодови |
Доколку корисникот е невработено лице за период поголем од две години до датумот на поднесување на барањето | 15 |
Доколку 80% од вкупната вредност на инвестицијата се однесува на изградба и/или опремување на затворени/заштитени простори и/или објекти, како и други комерцијални објекти, вклучувајќи внатрешна и надворешна инфраструктура во рамките на земјоделското стопанство со цел за извршување на земјоделското производство и/или опрема за преработка на производи од растително или животинско потекло | 30 |
Доколку корисникот е индивидуален земјоделец регистриран според Законот за вршење земјоделска дејност | 10 |
Доколку корисникот е запишан како носител на земјоделско стопанство на денот на поднесување на барањето | 10 |
Доколку корисникот во деловниот план покаже сопствено финансиско учество од минимум 20% од вкупната вредност на инвестицијата | 20 |
Доколку корисникот има завршено образование од областа на земјоделството | 5 |
Доколку корисникот е член на земјоделска задруга | 5 |
Доколку корисникот е жена со место на живеење во рурални подрачја | 5 |
Вкупно | 100 |