Еден од нашите наголеми производители на сончоглед од договорното производство е земјоделецот Митат Исмаиловски од село Будаково.
Плодните пелагониски ниви, тој ги работи крајно професионално со извршување на сите потребни агротехнички мерки кои и годинава му донесоа богат род и квалитет.
-Годинава имав насеано 140 хектари со сончоглед, во договор со Фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес. Со нив соработувам неколку години и сум задоволен особено кога почна договорното производство преку кое добиваме семе и други репроматеријали регрес, а годинава уште во договорот имавме и загарантирана откупна цена. Имав принос од 2 100 килограми од хектар, а го дадов по цена од 20 денари за килограм плус ДДВ – вели Исмаиловски и додава дека и за следната година повторно планира да засее поголеми површини со сончоглед.
Проблемот со пласманот на земјоделските производи најлесно се надминува со поголем развој на договорното производство со што земјоделците имаат сигурен пласман а со тоа и сигурна заработка.
Ваква шанса нуди нашиот најголем преработувач на сончоглед, Фабриката „Благој Ѓорев “ од Велес. Капацитетот за преработка е 40 000 тони, а со тоа можноста за склучување договори со производителите е голема и треба да се искористи. На тој начин ќе се намали и одливот на девизи од државата, што е важно за намалување на трговскиот дефицит но и за граѓаните кои ќе користат масло од домашна и проверена суровина.
Според изјавата на првиот човек на фабриката, Горанчо Лазов, во план е да продолжи договорното производство на сончоглед и во 2021 година. За условите и начинот на соработка со земјоделците дополнително ќе информира.
МЗШВ имајќи ја предвид можноста за враќање на сончогледот на македонските ниви, ги зголеми субвенциите на 400 евра од хектар за земјоделци кои ќе насеат до 20 ха, а услов беше да се произведе минимум 1500 килограми од хектар.
Преку платформата Агротим ќе ве информираме за сите активности поврзани со договорното производство на сончоглед , набавка на квалитетно семе, склучувањето на договорите со „Благој Ѓорев“, ќе го следиме процесот на производство, ќе ви даваме совети за правилно извршување на агротехничките мерки, за да добиете повисоки приноси и подобар квалитет, а со тоа и повисока цена. Исто така ќе ве потсетиме на важноста од земјоделското осигурување, за што државата плаќа 60% од осигурителната полиса.