Украинските живинарски компании известуваат за големи загуби предизвикани од руската инвазија на земјата. Главниот уредник на порталот Poultry World, Фабијан Брокотер, пишува дека во најголемата украинска компанија за производство на јајца „Авангард“ неколку клучни фарми биле затворени и уништени, а дел од живината останала без храна и се осудени на угинување.
Се заканува еколошка катастрофа
Нивните вкупни финансиски загуби достигнале 51 милион американски долари.
„Конкретно, на фармата Чорнобајевска во регионот Херсонски, каде што чуваат 3 милиони кокошки, веќе не можат да ги хранат, да ги транспортираат работниците и да доставуваат готови производи на клиентите“, велат во „Авангард“, предупредувајќи дека поради сѐ се заканува еколошка катастрофа.
Дел од живината ја заклале и ја поделиле на населението. Донирале стотици илјади јајца на украинските вооружени сили, како и гориво, возила и други ресурси.

Гранатирано складиште со месо
Најголемиот украински производител на месо од бројлери, MHP, претрпел загуби од 8,5 милиони долари како резултат на гранатирањето на најголемиот магацин за замрзната храна во селото Квитневе во регионот на Киев, пренесува Јust-food.
Пилешкото месо било наменето за малопродажни канали.
„Ова не е прв магацин за храна во близина на Киев што окупаторите го уништија изминатите неколку дена“, соопштуваат од компанијата.
Сепак, тие продолжуваат со своите активности и секојдневно објавуваа информации на фејсбук-страница на нивниот бренд Наша Ряба за нивните активности, начинот на нарачување и купување на производите.
