„Поддржете ја сеидбата во Украина. Дајте ни поддршка за увоз на потребните горива, семиња и опрема. Со производите за заштита на растенијата сме на нула и навистина ни треба помош“, со овие зборови се обрати 33-годишниот министер за земјоделство на Украина – Роман Лешченко пред Комитетот за земјоделство на Европскиот парламент, пренесува agri.bg.
Украина ги повика компаниите како BASF и Bayer да им обезбедат на украинските земјоделци хемикалии по пониска цена и да помогнат во транспортот на донираните хемикалии.
Голем дел од горивото е дадено на армијата, што доведе до криза во снабдувањето со гориво за земјоделците.
„Имаме гориво за првиот дел од сеидбата, но потоа ќе снема. Приоритетот за гориво за следните активности е многу важен. Има недостиг и на семе. Потребите се покриени до 80-90%. Го запревме извозот и сега ги координираме домашните залихи за малите фарми како приоритет“, рече Лешченко.
Храна во вредност од стотици милиони долари се чува во пристанишните магацини, но дистрибутерите ја испраќаат само кога 100% од износот е однапред платен. Во однос на коридорите и логистиката, Украина смета на европска поддршка бидејќи наскоро нема да има пристаништа и инфраструктура.
„Тоа е војна, но не само во воена смисла. Пред сè, тоа е економска војна, бидејќи украинскиот извоз – металургија, хемикалии, машини, житарки, 85-90% се испраќа преку пристаништата. Со уништување на нашите порти кон морето, тие нѐ уништуваат економски“, додаде Лешченко.
Според него, најважна е поддршката за малите земјоделци кои претставуваат 75 отсто од БДП на државата.
„Прекинато е снабдувањето со енергија. Повеќе од 3 милиони кокошки веќе угинаа. Фармерите ги убиваат своите крави за да ги заштитат од глад. Ова создава еколошка и прехранбена катастрофа“, категоричен е министерот за земјоделство на Украина.
