Mинистерот за земјоделство, Цветан Трипуновски гостуваше во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа каде информира за моменталните активности на МЗШВ како и плановите околу исплатата на земјоделските субвенции и промените кои ги подговуваат. Тој исто така нагласи ќе се прави проверка за тоа кој колку субвенции зема бидејќи има индиции за нивна злоупотреба.
-Третиот сегмент во делот на субвенции е дека сериозно ќе се прави проверка на тоа кој колку зема субвенции затоа што првичните информации говорат дека имало многу злоупотреби , односно луѓе кои на некој начин го црпеле буџетот во делот на субвенции, а не биле вистински земјоделци. На вистинските земјоделци им се зема од нивниот колач и биле ставени во втор план, појасни министерот.
Трипуновски најави дека контролата на терен ќе биде зголемена во секој еден сегмент поради тоа што треба да се елиминираат злоупотребите. На тој начин вистинските средства од програмата кои ќе бидат ставени како земјоделски субвенции за 2025 ќе бидат кон вистинските земјоделци, навремено исплатени и да имаат еден вистински ефект.
„Досега она што се правеше беше повеќе на хартија отколку на дело. Да се работело системски, планирањето да биде согласно потребите на земјоделците ќе беше поинаква ситуацијата. Ние денеска за ваша информација програмата за земјоделска поддршка во земјоделството била пре-димензионирана на хартија, со големи субвенции и суми ама само на хартија! Никогаш на дело не биле спроведени. Тоа во превод значи дека минатата влада повеќе си правеше популизам, мерки и активности кои што реално никогаш не биле спроведени на терен. Затоа велиме дека тоа е еден од сегментот каде што практично македонското земјоделство колабира и е доведено до една ваква коматозна состојба“, изјави Трипуновски.
