Заменикот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, утрово беше гостин во утринската програма на Канал 5. Земјоделците и придобивките за агросекторот од договорите на „Отворен Балкан“ и мерките што ги презема државата за развој, модернизација и подмладување на агросекторот, беа темите за кои се разговараше.
На Самитот „Отворен Балкан“, на кој присуствуваше и Димковски, беа потпишани неколку договори поврзани со земјоделците.
„Сето ова треба да го гледаме како можност. Пазарот е отворен, слободен. Она што треба да го подобриме и е дел од договорите, е да го подигнеме квалитетот и стандардот на производите, а тоа подразбира и границите да се поминуваат многу полесно, да нема застој на робата на границите од сите три страни.“, рече Димковски.
Димковски смета дека со отворањето на границите, нема да има опасност од наплив на албанскиот зеленчук на домашниот, ниту на извозниот пазар.
„Албанскиот зеленчук и денес е присутен. Тие имаат одредена предност поради местоположбата и новите инвестиции што ги направија, тука треба повеќе да бидеме фокусирани што се случува во делот со инвестиции и од тој аспект не треба да има таков страв, иако знаеме дека кога влегува албанскиот домат, се шпекулира дека ќе се спуштаат цените. Но со признавањето на лабораториите, во овој момент тој може да помине со фитосертификат, но контролата помеѓу лабораториите што соработуваат мора да биде на одреден подобар стандард, подобар квалитет, за да биде на нашиот пазар и таа контрола очекуваме да биде поголема помеѓу лабораториите и фирмите.“
Истовремено Димковски смета дека е подобро да конкурираме со фирмите од овие три земји, отколку да се соочиме со фирмите од Полска, Белгија, Германија, Италија, односно со оние од европскиот пазар.
Во однос на модернизација во земјоделство, Димковски смета дека почнувајќи од најмалите земјоделци па сѐ до големите фирми кои извезуваат, треба сите да работат како едно, што според него е можност која ќе ја понуди „Отворен Балкан“ на нашите земјоделци и блиска соработка со соседните.
„Нашата конкурентност ќе ја зголемиме само преку инвестиции, модернизација, нова технологија и секако во последните години како сѐ поголем проблем се појавува работната сила. Таа станува сѐ поскапа, затоа треба да се инвестира во објекти кои ќе му дадат сигурност на земјоделецот.“
Во однос на откупот на тутунот според Димковски реално очекување е дека би требало да се достигне цена од 200 денари просек.
„Откупот трае, просечната цена е околу 186 денари, иако има тренд на покачување. Има помалку договори, количините се очекуваат некаде околу 22 милиони килограми оваа година. Верувам дека во зависност од квалитетот на тутунот што го носат тутунопроизводители, реално очекување е дека до крајот на откупот на тутунот би требало да се постигнепросечна цена до 200 денари“, рече Димковски.
