Еден од главните проблеми при одгледувањето на домати, посебно како летна и есенска култура е напукнувањето на плодовите. Напукнувањето, ја намалува комерцијалната вредност на плодовите и нивната трајност. Напукнатиот плод по откинувањето од дршката,за брзо време омекнува и не е погоден за свежа консумација.
Напукнувањето на плодовите започнува во последната фаза на растот на плодот. Оваа физиолошка деформација е вообичаена појава при одгледувањето на домати во заштитени простори.
Напукнувањето, како физиолошки проблем најмногу се јавува во летните месеци, а помалку во пролет и есен.
Се разликуваат два типа на напукнување на плодови од домати и тоа:
a) Концентрично
b) Радијално
Најглавна причина за појавата на концентрично пукање на плодовите е задржување на вода на плодовите, односно нивно изложување на директна сончева светлина. Оваа физиолошка деформација на плодовите е многу честа доколку културата се наводнува со оросување.
Како главна причина за радијално пукање на плодовите се посочува водениот стрес (интензивно наводнување на културата после изразена суша).
Фактори кои доведуваат до пукање на плодовите
I. Поврзаноста на карактеристиките на плодот со физиолошката деформација напукнување (fruit cracking)
A. Анатомијана плодот
B. Брзина на раст на плодот
C. Големина и облик на плодот
D. Воден статус на плодот
E. Снабдување со асимилати на плодот
II. Генетски аспекти на резистенција на плодовите на напукнување
III. Влијанието на климатските фактори врз напукнувањето на плодовите
IV. Антрополошки фактори
A. Наводнување
B. Минерална исхрана
Во овој текст ќе обрнеме внимание на влијанието на климатските и антрополошките фактори врз напукнувањето на плодовите.

Концентрично напукнување на плод
1) Светлина
Напукнувањето на плодовите на доматите одгледувани во аштитен простор прогресивно се зголемува со зголемувањето на светлината во текот на пролетните и летните месеци, а се намалува со опаѓањето на нивото на светлина во есенскиот период.
2) Температура
Зголемувањето на процентот на напукнати плодови при одгледување домати во заштитен простор со зголемувањето на нивото на светлина е директно поврзано и со покачувањето на воздушната температура во заштитениот простор и температурата на плодот. Со зголемувањето на температурата на плодот се зголемува воздушниот притисок во внатрешноста на плодот, со што плодот се шири (добива во волумен) и се зголемуваат потенцијалните шанси за напукнување на плодовите, се разбира, доколку има генетска база за тоа.
Меѓутоа, влијанието на температурата врз напукнувањето на плодовите е најмногу индиректно изразена. Со зголемувањето на воздушната температура се зголемува процентот на снабденост на плодот со асимилати и на тој начин тој побргу расте, при што кај осетливите сорти и хибриди, напукнувањето се случува во голем процент.
3) Релативна влажност на воздухот
Релативната влажност на воздухот индиректно влијае врз напукнувањето на плодовите преку влијанието на транспирацијата и водниот статус на плодот.
Високата релативна влажност во воздухот ја намалува транспирацијата, што може да резултира со зголемување на снабденоста на плодот со вода и висок тургор во плодот. Овие услови предизвикуваат стрес на епидермисот на плодот, а тоа резултира со напукнување.

Радијално напукнување на плод
4) Наводнувањето како антрополошки фактор
Кај осетливите хибриди домати на напукнување (најчесто beef–tomato хибридите), најголемо внимание треба да се обрне на времето и нормата на наводнување.Доколку растението доживее воден стрес, односно ако претходно почвата била засушена, а после тоа наеднаш се засисти со вода, тогаш се зголемува процентот на напукнати плодови во заштитениот простор (најчесто се случува радијално напукнување на плодовите). Нерамномерното наводнување, ја намалува еластичностана епидермисот, а со тоа се зголемува и осетливоста на плодот кон напукнување.
5) Минерална исхрана
Како што опишавме, врз оваа физиолошка деформација влијаат повеќе фактори, така што, во фазата кога плодот најмногу расте (и кога е најосетлив на напукнување), додавањето на минерални хранливи елементи во хранливиот раствор поврзани со стабилноста, еластичноста и флексибилноста на епидермисот на плодот се важни во спречувањето на напукнување на плодовите.
Калциумот како макроелемент, учествува во процесот на издолжување на клеточниот ѕид, а исто така, оптималното присуство на калциум во клеточниот ѕид, му дава и посебна пластичност. Во фазата на брзо растење на плодот и забрзано издолжување на клетките, растението има потреба од дополнително додавање на калциум во хранливиот раствор, така што за осетливите хибриди на напукнување, препорачливо е додавање на калциум во хранливиот раствор (според агрохемиската анализа и препораките на стручното лице), од отварањето на првата цветна гранка, па се до крајот на вегетацијата.
Исто така, адекватното снабдување на растенијата со бор, ја потпомага улогата на калциумот во растението, а со тоа процентот на напукнати плодови се намалува.
Високата снабденост на растенијата со азот резултира со зголемена вегетативна маса и се интензивира процесот нанапукнување на плодовите, со што опаѓа економската вредност.
Со избалансирана минерална исхрана, со претходнонаправена агрохемиска анализа и со контрола на стручно лице, кај осетливитехибриди домати на напукнување, се добива квалитетно производство.
Дипл.инг.агроном Димитар Арнаудов