Изминатата недела имавме сончево време со мала доумерена облачност и слаб до умерен ветер со променлив правец. Ветерот, кога се јавува со мал интезитет во повеќе случаи има позитивно влијание, но кога ветерот е со поголем интезитет со брзина поголема од 5м/секунда, односно 18 км/час тогаш најчесто е се штетен за земјоделското растително производство. Најмногу штети се јавуват поради интензивно испарување на влагата на почвата, на тој начин сушата доаѓа повеќе до израз. Силните ветрови општо земено се штетни и поради тоа што механички ги оштетуваат културните растенија-откинуваат листови, цветови, плодови, кршат гранчиња и стебла, ги полегнуваат и откорнуваат посевите, особено ако се проследени со дожд.
Почетокот на септември е преоден период каде имаме интензивна берба на летните плодови и веќе подготовка на почвата за сеидба на некои култури. По завршувањето на жетвата кај пченката и некои други култури, земјоделците вршат орање, претсеидбена подготовка и ѓубрење.
За поледелските култури започнува претсеидбената подготовка на почвата која има пресудно значење за постигнување високи приноси. Таа мора да биде навремено и квалитетно извршена за да се создаде растресит почвен слој во кој ќе се акумулира количество вода и хранливи елементи, и во кој коренот непречно ќе се развива. Паралелно со обработката на почвата се изведува и основното ѓубрење на посевот.
Некои сорти на винова лоза како вранецот, смедеревка, кардинал и други, се во фаза на интензивна берба. Во тек е бербата на есенските сорти јаболка, круши и сливи. Малината и капината исто така се наоѓат во фаза на зреење. Интензивно се берат и пиперки, домати, модри патлиџани, компири и тикви.
Под влијание на циклонска активност за време на викендот ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 15 l/m²), проследени со грмежи и засилен северен ветер (над 40 km/h). Од сабота дневната температура ќе биде во опаѓање. Потоа до средината на следната седмица следува релативно стабилно и посвежо време.
Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви. Со оглед на најавената промена на времето и локалните поројни врнежи од дожд и засилен ветар, кои се очекуваат за време на викендот, препорачуваме земјоделските производители да ги оберат зрелите плодови, се со цел да го заштитат родот од гниење и да го зачуват квалитетот на приносот. Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор. Да се направи проверка и затегнување на потпорите кај конструкците и сите други потребни превентивни мерки.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 20°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 24°C до 33°C.
Извор: Агрометео
