Изминатата седмица имавме сончево и многу топло време, со повремени поројни врнежи од дожд на некои места. Пообилните врнежи од дожд кои паднаа на некои места изминативе денови ќе придонесат за подобрување на влагата во почвата.
Сувото и топло време пак единствено беше поволно за жетва на јачменот и пченицата која е при крај, а на некои места е веќе завршена.
Повеќето од културите, се наоѓат во фаза на берба. Житните клубенести култури – компирот во некој региони е во фаза на цветање. За време на цветање, се јавува интензивно формирање на клубени, чиј број и големина во голема мера зависи од условите. За време на овој важен период, кај компирот потребно е наводнување, прихрана, заштита од болести штетници и плевели. Градинарските култури се во интензивен раст и имаат голема потреба за вода. Секоја култура во својот развој има критични фази кон вода, кога има голема потрошувачка на вода и секој недостиг на вода во овие фази силно се одразува на приносот. Некои од овошките во овој период се во интензивен раст со појава на зрели плодови, а некои се во фаза на берба. Кај некои сорти на виновата лоза на некои места, таа се наоѓа во фаза на интензивен пораст каде е доста осетлива на инфекции од најзначајните патогени болести, а тоа се причинителот на пламеница, пепелница и сиво гниење, додека од штетните инсекти е сивиот гроздов молец, затоа се препорачува да се посвети поголемо внимание и претпазливост од појава на болести и штетници, бидејки токму овие временски услови одговараат за појава на тие болести и штетници.
Денес и во петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 15 l/m²), електрични празнења, силен ветер (над 60 km/h) и појава на град. Потоа следува период на стабилно и сончево време. Во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Предупредување: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува под отворен простор. Да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 9°C до 20°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 26°C до 38°C.
Извор: Агрометео
