Изминатава недела имавме променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд. Во деновите од изминатиот викендот времето беше стабилно, сончево и топло.
Овие временски услови придонесоа за интензивен развој на есенските култури, како и за рано посеаните пролетни култури. Садењето и сеидбата на пролетните култури е во тек и се одвива во оптимални услови. Температурата за садење и сеидба е оптимална како и почвениот слој со поволна влажност, каде им овозможува на посевите да растат рамномерно. Во наши услови може да се почне со сеидба на пченка. Таа поникнува кога минималната температура на почвата ќе изнесува 10°C -12°C, и спаѓа во топлољубивите растенија. Оптималната температура за поникнување изнесува 23°C до 25°C. Влажноста на почвата е многу значаен фактор во фаза на поникнување, затоа овие врнежи ќе бидат корисни за растот и развојот на пченката.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до крајот на оваа седмица ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Појавата на нови врнежи од дожд е од големо значење за земјоделските култури, посебно за зголемување на влагата во почвата, така што почвата би била во уште подобра состојба и со подобрен водно-физички режим, кој што следува во претстојниот период за попродуктивен и поинтензивен раст и развој. Со тоа што овие нови врнежи ќе бидат добродојдени за сите земјоделските култури.
Исто така, поради повисока релативна влажност во зоната на растенијата може да се создадат поволни услови за појава на растителни болести и штетници, па поради тоа потребно е редовно да се врши контрола и заштита на посевите.
Доколку почвените услови дозволуваат, земјоделските производители може да почнат или продолжат со активностите и грижата за нивните посеви и изведување на работи во поле.
Се препорачува да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив. Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност , да не се престојува под отворен простор. Минималната температура ќе се движи во интервал од 3°C до 13°C а, максималната температура ќе се движи во интервал од 15°C до 25°C.