И покрај екстремно топлото време, како и сушниот период што ја зафати земјава, пчеларите од Кичевско- бродскиот регион се задоволни од приносите на мед. Цената за тегла се движи од 500 до 600 денари.
Кај најнаградуваниот пчелар од Кичево, Владо Пејоски, кој располага со 100 пчелни семејства во регионот на село Белица, приносите на мед се поголеми од 10 килограми по сандак, што, според него, е сосема добра количина.
-Приносите мед и оваа година се повеќе од задоволителни ако се имаат предвид временските услови и температурите кои не се најпогодни за пчеларството. Во мојот пчеларник кај сите пчелни сандаци приносите се поголеми од 10 килограми што е сосема добра количина, зашто претходните неколку години насобраните количества беа и под три килограми, изјави Пејоски.
Тој потсети дека сега е во фаза периодот за зазимување на пчелите и третирање за заштита од многу болести.
Во Кичевскиот регион приносите мед се добри во Беличка Река, во северните делови од општината и во добар дел од Поречијата каде што кај некои пчелари се и поголеми, потврди пчеларот Миле Стојкоски од село Латово.
Извор: МИА
