Во средата на 2 септември, во атарот на село Крстоар битолско, во т. н. ловиште „ Баба 1“ , ловочуварската служба на Здружението на ловци „Сокол“ од Битола, при извршувањето на своите вообичаени активности забележа мечка, заробена во т. н „принка“односно во стапица. Ваквите стапици, како што ни кажаа од ЗЛ „Сокол,“ често можат да се забележат на овие простори, а ги поставуваат непознати сторители за нелегален лов најчесто на диви свињи но и на друг дивеч.
Ловочуварите веднаш ги извесиле надлежните во здружението и за кратко време екипа предводена од стручното лице на здружението Ромео Саздановски , членот Ѓорги Бучуковски и ветеринарите Игор Талевски и Петар Чупона пристигнале на местото.

„ Моравме да реагираме брзо , бидејќи мечката беше изнемоштена и прилично агресивна. Единствен начин да ја ослободиме и да ја спасиме беше прво да ја успиеме за да можиме да и се доближиме. Тоа го стори нашиот ветеринар Игор заедно со неговиот колега Петар Чупона кои навистина професионално си ја завршија работата.“ – раскажува Ромео Саздановски

Акцијата за спсување на оваа пелистерска мечка која инаку е заштитен вид траеше околу четириесеттина минути и на задоволство на сите, а особено на ловците се заврши добро. По успивањето ловците ги отсранија металните сајли во кои беше заплеткана мечката и по кратко време таа се опорави и се оддалечи.
