Петок е пазарен ден во Битола и речиси секогаш како по традиција, во петок понудата и побарувачката се најголеми. Утрово направивме една кратка обиколка низ битолскиот пазар.
Тој е навистина богат, се е свежо и убаво наредено. Вистински празник за очите. Продавачите љубезни , секој со својата приказна. Ќе ви раскажат се за производот дури и за тоа каде му се наоѓаат нивите.
Кувачите уште од рано утрото ги имаше во голем број и мора да споменеме дека речиси сите ги почитуваа мерките за заштита од корона вирусот. Секако и понудата е навистина голема. И како што би рекле битолчани речиси и да „ нема што нема“.
Купувачите, но и продавачите велат дека цените оваа година се нешто повисоки во споредба со истиот период лани. Така на пример, доматите се продаваат за 30-40 денари, боранија 100 денари, бамја 150 денари, зелка 30 денари за килограм, краставици од 40 до 60 денари, кромид 30 денари, компири 30 денари,феферони 50 денари, круши 80 денари, а грозјето најчесто може да се купи, 3 килограми за 100 денари.
Изненадувачки мала е понудата на пиперките, нив речиси и да ги нема, а цената се движи во просек од 40 -50 денари за килограм. Ги нема и оние за ајвар, нив ги забележавме само на неколку места. Продавачите велат дека годинава, барем во овој регион пиперки има многу малку. Априлскиот снег, променливото лето, и обилните дождови изминатиот месец направиле многу голема штета кај родот на пиперките, па затоа и цената е толку висока. Забележавме дека веќе се продаваат и нанижани пиперки, а нивната цена е 500 денари за една низа.
Поразговаравме со Илче Димовски од Битола кој повеќе од дваесеттина години одгледува градинарски производи и заедно со неговата сопруга ги продаваат на битолскиот пазар. И кај него пиперките годинава претрпеле голема штета, така што тој речиси и да нема пиперки за продавање. Вели дека годинава е посебно тешка за земјоделците.„ Насадивме помалку, се плашевме од кризата, а и она што успеавме да го насадиме во голема мера е уништено поради временските неприлики. Затоа луѓето повеќе се решаваат за трговија одколку за производство. Моментално во битолскиот пазар има повеќе трговци отколку производители “ вели Илче.
Секако не можевме да го заобиколиме и делот каде што се наоѓа , овошјето кој исто така има наистина богата понуда и прифатливи цени, како и затворениот дел од пазарот каде што се продава сирење и млачни производи.