Кина ќе се обиде да ја заштити годинешната жетва на ориз од рекордна суша со „засејување на облаци“, користејќи реагенси за правење дожд.
Фабриките во провинцијата Сечуан беа затворени минатата недела за да се заштеди енергија за домовите, каде што употребата на клима уредите е зголемена поради температурите до 45 степени Целзиусови.
Следните 10 дена се клучни за посевите со ориз во Јужна Кина, изјави министерот за земјоделство Танг Ренџијан, пренесуваат странските медиуми.
Кинеските власти ќе преземат итни чекори за „обезбедување на есенската жетва“ која сочинува 75 отсто од годишниот принос, рече Танг во петокот.
Властите „ќе се обидат да го зголемат дождот“ со манипулирање со облаците и прскање на посевите со „средство за задржување вода“, соопшти Министерството за земјоделство.
Намалениот принос на жетвата во Кина би имал глобални последици бидејќи би влијаел на растот на увозот, што дополнително би го зголемило инфлацискиот притисок во САД и Европа.
