Говедското месо, палминото масло, кафето, какаото, како и други производи поврзани со уништувањето на шумите ќе бидат забранети да влезат во Европската Унија, според новиот предлог-закон со кој ЕУ ќе се обиде да го запре уништувањето на шумите во светот, пренесува Гардијан.
Откако светските лидери потпишаа план за запирање на уништувањето на шумите на самитот „Cop 26“, извршната власт на ЕУ во средата го претстави нацрт-законот со кој бара компаниите да докажат дека стоките наменети за 450 милиони европски потрошувачи од Унијата, не се поврзани со уништувањето на шумите.
Иако екологистите не се задоволни што увозот на гума не е спомнат во предлог-законот, тие сепак го поздравија планот, бидејќи ова е првпат ЕУ да се обиде да ги регулира производите поврзани со сите форми – а не само нелегални – на уништување на шумите. Екологистите велат дека ова е важен чекор, бидејќи некои големи шумски земји, како Бразил, ја укинаа законската заштита на шумите.
„Она што го предлагаме е пионерска иницијатива“, рече Вирџиниус Синкевичиус, комесар за животна средина на ЕУ. „Само акција на ЕУ нема да го реши проблемот. Потребна ни е и помош од големите пазари како САД и Кина за да го исчистиме нашиот синџир на снабдување“.
Намалувањето на уништувањето на шумите и деградацијата на шумите може да придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот во широк опсег еквивалентен на 0,4 – 5,8 гигатони јаглерод диоксид годишно.