Лазо Јовановски од Општина Градско се занимава со земјоделство долги години, односно откако во 2002 година останал без работа. Земјоделското производство, особено пиперки под пластеници како најпознато за тој крај, била првата работа со што се зафатил.
„На почетокот почнавме со бела долга во пластеници, но со текот на времето видовме дека на пазарот подобро проаѓа сушената пиперка бидејќи помалку се нуди. Па така почнавме и со производство на сушени пиперки по кои веќе сме препознатливи“, вели Лазо.

За ова производство вели дека не е лесно ниту пак едноставно, но во производниот процес му помага целото негово семејство.
„Одгледувањето на пиперки во пластеници е долг процес, од сеење, до расадување, садење, берба, нижење, сушење цела година и можам да кажам дека најголемиот дел од работата е мој ангажман но секако не би успеал без поддршката од семејството.

Лазо ни откри и како се одвива постапката на сушење на пиперките.

„Во една низа се нижат 70 до 80 пиперки, во зависност од големината на пиперките. Тоа е околу 5 килограми свежи пиперки. Сушењето се одвива на места под сенка и каде што има провев. Целиот процес на сушењето трае од 15 до 25 дена во зависност од временските услови“.

Овој земјоделец вели дека е задоволен од пласманот, а преку многу наши иселеници, пријатели и негови познаници сувите македонски пиперки стигнале и во многу европски земји, како и во Америка и Австралија.
Во земјоделското производство е секогаш така – Добар квалитет, сериозност во производството и најмногу љубов за тоа што се работи, кога сите овие услови ќе се „нанижат“, успехот е тука.


