На црноморската рута и европскиот коридор на солидарност речиси истовремено се појавија проблеми со украинските жита. Откако минатата недела Русија објави дека нема да го продолжи Црноморскиот договор по 18 мај доколку Западот не отстрани голем број пречки за извозот на нивните земјоделски производи, вчера дојде до прекин на инспекцијата на бродовите што ја превезуваат оваа стока од Украина.
Украина ја обвини Русија дека денеска агенцијата РИА, повикувајќи се на руското Министерство за надворешни работи, објавила дека инспекциите повторно почнале, а прекинот е поради непочитување на договорот и процедурата од страна на Украина.
Се уште е под знак прашалник дали договорот ќе биде продолжен по 18 мај.
Истовремено, во изминатите неколку дена одлуката на Полска и Унгарија да забранат увоз на жито и храна од Украина, за да ги заштитат своите земјоделци, ја крена на нозе Европската комисија, чиј портпарол изјави дека ваквите еднострани мерки на членките на ЕУ во областа на трговијата се неприфатливи.
Во неговиот допис е објавено дека трговската политика е исклучива надлежност на ЕУ.
„Во вакви предизвикувачки времиња, од клучно значење е да се координираат и усогласат сите одлуки во рамките на ЕУ“, додаде тој.
Во меѓувреме, забраната за увоз на житарки и некои земјоделски производи од 19 април ја одобри и Владата на Словачка. Сепак, нивниот транзит низ територијата на таа земја се уште е дозволен, наведува АПК-Информ.
„Полска воведе многу строги забрани, а ние моравме да реагираме за да го заштитиме словачкиот пазар во делот на оние земјоделски и прехранбени производи каде што сме самодоволни“, изјави нивниот министер за земјоделство Самуел Влчан. Тој додаде и дека забраната за увоз посебно се однесува на житарките, шеќерот, добиточната храна, лененото семе итн.
Политичарите и претставниците на ЕУ, пишува Politico, ги обвинуваат овие три држави за воведувањето забрани и ги прогласија ограничувањата за незаконски и контрапродуктивни.
„Едностраните забрани на поединечни земји нема да решат ништо“, изјави чешкиот министер за земјоделство Зденек Некула и додаде дека мора да се најде договор за транзит во земјите надвор од ЕУ кои зависат од украинското производство.
Проблемот може да се претвори во темпирана бомба, бидејќи економијата на Украина во голема мера се потпира на извозот на жито, кој пред војната беше доволен да нахрани 400 милиони луѓе.
Полскиот експерт за земјоделско-прехранбениот пазар, Јацек Стржелецки за farmer.pl изјави дека воведувањето ембарго, како што направи нивната влада, не само што не го решава проблемот, туку домашното земјоделство со оваа одлука се турка во нов проблем, вклучувајќи го и ризикот од губење на конкурентноста на пазарот, особено на извозните пазари.
Како сето ова ќе се одрази на цените?
На почетокот на неделата е забележан раст на цените на житарките, што може да се објасни со наведените проблеми, пишува Агрархеуте. На европскиот фјучерс пазар пченицата поскапе за 1 евро на 251 евро за тон. Новата реколта во 2023 година се тргува со премија повисока речиси 2 евра и изнесува 252 евра/тон.
Од друга страна, претседателот на Руската унија за жито, Аркадиј Злочевски, тврди дека сето тоа нема да има влијание врз светските цени, пишува АПК-Информ.
„Украина може да извезе до 2,5-3 милиони тони жито месечно преку копно. Во случај на забрана за транзит, таа ќе извезува 1,5-1,7 милиони тони месечно, што изнесува 18-20,4 милиони тони годишно“, пресметал тој, додавајќи дека главното учество во тоа количество го има пченката.
„А тука не се вклучени Бразил, Аргентина и другите земји. Затоа, одлуката на Полска и Унгарија да го прекинат увозот од Украина нема никакво влијание врз светските цени – не врз најголемите количини на понуда“, тврди тој, заклучувајќи дека ова е чисто психолошки ефект врз незадоволните земјоделци.
Напишете коментар