Имаме класична злоупотреба на субвенциите. Педесетина апликанти претежно од Прилепскиот регион и Кривогаштани на два или 2,5 декари пријавиле производство од 10 и 11 тони тутун. Тоа е невозможно. И кај овците и кај кравите, што се случува? Имаме класична злоупотреба на ушните маркички со кои е обележано секое грло. Грлото угинува, а сопствениците едноставно ја земаат маркичката, ја чуваат и се уште врз основа на таа маркичка го пријавуваат животното иако е веќе угинато, го нема. Во една неофицијална акција што сега ја направивме, се покажа дека на хартија имаме скоро 400.000 овци, а реално се околу 250 до 280 илјади. Се работи за разлика од 100 до 130-140 илјади грла. Тоа се сериозни пари ако се земе предвид што како финансиска поддршка добиваат сопствениците по овца – од приплод, млеко,… Сега со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) размислуваме секое грло да има чип што ќе може да се чита со обичен читач. Дури и со GPS локатори ќе можеме да ги следиме грлата, ако дојдеме до тој момент, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски во интервју за МИА.
Серафимовски оценува дека ваквата ситуација може да се надмине само со засилени контроли, но апелира и до земјоделците – да бидат максимално одговорни и да го пријавуваат реалното производство.
– Апликациите што ги поднесуваат земјоделците во Агенцијата за финансиска поддршка преку нашите подрачни единици содржат податоци од аспект на површини што се запишани како земјоделско стопанство или индивидуален земјоделец и производство што го пријавуваат. Ние во програмите и уредбите имаме максимални или минимални површини, односно приноси на одредена култура. И сега што ни се случува? Кога вршиме контрола, еве конкретно кај тутунот, имаше ситуација во која дел од тутунарите пред неколку месеци не земаа средства, зашто се изврши дополнителна контрола и се утврди дека на површина од два декара пријавуваат 10 тони тутун. Еден декар тутун може да произведе 400 до 600 килограми тутун, зборуваме во некои максимални приноси. Значи, на два декари се тон и 200. Не може да пријавите 10 тони тутун. Зошто тоа се прави? Едни злоупотребуваат, други земаат површини од трети лица и тие истите површини ги обработуваат, а првичното лице кое е корисник на површината, дали е приватна или концесија, ги зема субвенциите. И сега тука ние се обидуваме преку Инспекторатот и контролите на Агенцијата за финансиска поддршка да ги откриеме и да направиме еден рез, да ги прекинеме тие неправилности. На тој начин вршат злоупотреба директно на субвенциите. И субвенциите не одат директно кај земјоделецот кој произведува, туку одат кај некој што земал, хипотетички, 100 хектари површина, не ја работи, а ќе ја даде на трето лице да ја обработува. И сега овој има интерес бидејќи сака да работи, а не успеал да земе од различни причини – не исполнувал услови, немал банкарски гаранции (зашто мора да се гарантира за тие површини),… Овде имаме класична злоупотреба на субвенциите, потенцира министерот.
Случаи на злоупотреба, додава, има и кај откупот на млекото.
– И таму исто се случува. Се знае колку може една крава да даде млеко на дневна основа, а ние имаме пријавено многу поголеми количини кои се, практично, нереални. Веднаш го согледуваме тоа дека се работи за нереални бројки. Инаку, сметам дека најважната работа тука, генерално, се контролите. Затоа правиме доекипирање во Инспекторатот за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка, бидејќи тие излегуваат на терен и вршат надзор на она што е пријавено. Само со контроли и директно со санкции можеме да ставиме ред. Тогаш сите ќе бидат свесни. Пред десетина, 15 години, можеби и повеќе, ако некој земјоделец пријавеше несоодветни површини или извршеше злоупотреба на субвенциите, му се забрануваше наредните три години. На тој начин ќе ја елиминираме класичната злоупотреба, зашто секој сака да добие, никој не сака да изгуби. Ова е мое размислување, но сега најпрво сакаме да ги засилиме контролите. Правиот механизам за да дојдеме до објективни бројки и реално да ги фатиме оние што вршат злоупотреба – се засилени контроли на терен, анализа на сите пријави или апликации од страна на земјоделците за директни плаќања, подвлече Серафимовски.
Потсети и дека со новите сателитски снимки може директно да се дојде до 50 сантиметри висина и да се следи развојот на земјоделските култури.
– Со поединечни снимки во мај, јули и октомври, следиме дали вегетацијата се зголемува и дали реално таму има некаков насад. Ние, реално, не можеме да ги поминеме сите земјоделски површини. Се работи за огромна бројка. Одиме таму каде што имаме пријави за инспекторите да извршат увид. Сега, со примената на информатичките технологии и интероперабилноста на ниво на државата, многу е полесно. Ги преземаме податоците од секаде. Ќе повторам, клучно е да се воспостави максимална контрола. Ако успееме да ја воспоставиме контролата во наредниот период, сметам дека ќе можеме субвенциите да ги насочиме кон вистинските земјоделци, зашто во овој случај имаме класична злоупотреба, истакнува Серафимовски.
Според министерот, погрешна е и примената на субвенциите кои, како што нагласува, не треба да бидат социјална компонента, туку треба да стимулираат раст на производството/продукцијата во почетна фаза.
– И примената на субвенциите е погрешна. Субвенцијата ја доведовме, да не речам, да биде како социјална категорија. И сега, сите чекаат субвенции. Да, јас знам дека луѓето зависат од тие средства, ама најголемите гласноговорници се оние со еден декар патлиџани, оранжерија од два декара, четири овци и три крави. Субвенциите треба да стимулираат одреден раст во почетна фаза. На пример, јас сакам да инвестирам во земјоделство како повратник од странство или млад земјоделец – му даваме грант и тој треба да добива субвенции додека се изгради како земјоделец и има сигурен пласман. Ако насадиме повеќегодишни насади, потребни се 4 – 5 години за правиот род. Значи, ние треба да го стимулираме земјоделецот во тој период, за да издржи и потоа да има сопствено производство, да продолжи со развојни мерки, инвестициски – национална програма, рурална програма, ИПАРД програми, да го модернизира земјоделството, да оди кон фаза во која ќе има сигурно производство, квалитет, агротехнички мерки како што треба, објаснува Серафимовски.
Во интервјуто за МИА, што ќе биде објавено утре, министерот за земјоделство зборува и за пченицата, новите ИПАРД повици, извозот, сипаниците кај малите преживари, измените на Законот за земјоделство и рурален развој, реализацијата на Националната програма за поддршка,…
МИА
