Европската Унија увезе околу 1,3 милиони тони маслодајна репка во првите 15 недели од сезоната 2021/22. Според Топаграр, ова е пад од 43 отсто во однос на истиот период лани и три четвртини помалку од сезоната 2019/20.
Освен од производството на ова маслодајно семе во земјите членки на ЕУ, овие флуктуации зависат и од неговата достапност и понуда на светскиот пазар, објаснуваат од Унијата за промоција на маслодајни семиња и протеини (УФОП).
Според истражувањето на Agrarmarkt Informations-Gesellschaft, европската жетва на маслодајна репка во тековната финансиска година се очекува да биде 16,9 милиони тони. Тоа е за речиси 0,8 милиони тони повеќе од претходната година, но сепак не е доволно за да се задоволи побарувачката во ЕУ. Затоа, Европската комисија проценува дека ќе биде неопходно да се увезат уште 5,7 милиони тони за сезоната 2021/22, што е за 150 илјади тони помалку од минатата сезона.
Сепак, достапноста на маслодајната репка на светскиот пазар е ограничена поради значителното намалување на приносот кај главниот снабдувач, Канада. Затоа ЕУ веќе мора да се потпре на австралиските стоки на почетокот на сезоната, кои ќе бидат испорачани дури во втората половина од пазарната година.
Дел се увезува и од Велика Британија, а дополнителен јаз создаваат ограничените испораки од Украина. Иако жетвата во оваа земја беше нешто поголема, Унијата увезла 37 отсто помалку од оваа маслодајна култура од таа земја отколку во истиот период лани. Но, тој дефицит може да се надомести со поголеми испораки од Србија и Молдавија.
Истовремено, на светските пазари расте цената на маслодајната репка, што е поттикнато од оскудната глобална понуда, многу високите цени на растителните масла и биодизелот. Така кон средината на септември за прв пат во Европа се искачи на 600 евра за тон, додека на почетокот на октомври беше евидентирана и цена од 650 евра за тон. Сѐ поголем број аналитичари веруваат дека е можно да се постигне вредност од дури 700 евра за тон.
